Свет

Жени и девојчиња насилно биле продавани и мажени за џихадисти

Жени и девојчиња насилно биле продавани и мажени за џихадисти

Џихадистите од групата Исламска држава (ИД) киднапирале жени и деца од малцинската етничка група на Јазидите, се посочува во текст објавен во списанието на екстремистичката група, бјави МИА.

Како што пренесе ДПА, во статијата на онлајн весникот на англиски јазик „Дабик“ се посочува дека по грабнувањето жените и децата биле поделени, согласно шеријатот, меѓу борците на Исламската држава, кои учествувале во операциите во ирачката област Синџар, а една петина од заробените му биле испратени на раководството на ИД.

Статијата дава и религиозно објаснување на поробувањето на победените „идолопоклоници“.

Древниот обичај луѓе да се земаат за робови излезе од употреба заради отстапувањата од вистинскиот ислам, но е обновен кога борците упаѓаа во селата на Јазидите во Синџар, пишува оваа пропагандно списание.

Написот ја потврдува праксата, документирана од активистите на организацијата „Хјуман рајтс воч“, дека жени и девојчиња Јазиди насилно биле мажени за борци на Исламската држава или со автобуси носени од Ирак во Сирија, каде биле продавани.

Според интервјуата на „Хјуман рајтс воч“, направени со десетици раселени Јазиди од Ирачки Курдистан, ИД во заробеништво држи најмалку 366 лица, но се проценува дека оваа бројка може да се се покаже трипати поголема.

Петнаесетгодишно девојче, кое на 7 септември успеало да избега од џихадистите, изјавило дека било купено од палестински џихадист за 1.000 долари. Џихадистот го одвел во неговиот стан во сирискиот град Рака и го силувал, навело тоа пред активистите на „Хјуман рајтс воч“.