Жените Јазиди се самоубиваат за присилно да не се мажат за џихадисти

Жени Јазиди, кои биле земени за заложнички од страна на џихадистите од Исламска држава, се самоубивале за да не бидат насила омажени за членови на групата, се соопштува во извештај на оганизацијата за прават на човекот „Амнести интернешенел“, цитиран од ДПА.

Илјадници мажи, жени и деца Јазиди беа заробени од сунитските екстремисти при нивното освојување на северен Ирак во текот на јуни.

Многу од мажите биле убиени или принудени да го прифатат исламот. Жените, пак, често пати им биле подарувани на џихадистите како трофеј или продавани како секс робинки, посочува „Амнести“ во својот извештај „Да побегнеш од пеколот“.

Околу 300 жени и деца успеале да избегаат од камповите на Исламска држава, но околу 40 позитивно одговориле за учество во извештајот на „Амнести“.

Џилан имала 19 години кога летово била заробена од џихадистите. Подоцна нејзиното семејство разбрало дека таа се самоубила.

– Бевме 21 девојче во една соба, две беа многу мали, на 10-12-годишна возраст. Еден ден ни дадоа облека, која наликуваше на облека за танцување. Ни кажаа да се искапеме и да ја облечеме облеката, раскажува 20-годишната Луна. „Џилан се самоуби во бањата. Таа си ги пресече вените и се обеси. Беше многу убава. Мислам дека знаеше дека ќе биде одведена од некој маж и затоа се самоуби“, се потсетува Луна, која успеала да избега.

Други спасени девојчиња раскажуваат дека биле тепани, малтретирани, мачени и силувани.

Некои девојчиња биле давани на мажи кои веќе имале сопруги, вклучувајќи ги и странските борци од западните земји, кои се приклучиле кон Исламска држава.

Преживеаните кажуваат дека некои Ирачанки, инаку сопруги на џихадистите, сочувствувале со јазидските девојчиња, но немале сила да се замешаат. Некои, меѓутоа, им го олесниле нивното бегство.

-Таа ни беше повеќе од мајка. Никогаш нема да ја заборавам оваа жена, таа ни ги спаси животите, раскажуваат девојчињата за една од локалните жени, која ризикувајќи го и својот живот им помогнала да избегаат.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.