Жените од руралните средини повеќе го користат јавниот превоз во Битола

Комисијата за еднакви можности (КЕМ) при Советот на општина Битола изврши истражување и анализа на потребата за приспособување на јавниот транспорт кон потребите на жените, мажите и децата во руралните средини од таа локална самоуправа, пренесува МИА.

Во општина Битола јавниот превоз се врши со вкупно 18 градски и рурални сообраќајни линии, и притоа резултатите од истражувањето потврдија дека жените од руралните подрачја повеќе ги користат услугите на јавниот транспорт, отколку мажите.

– Во минатото, жените биле често ограничени во нивниот пристап до јавниот транспорт. Податоците покажуваат дека тешкиот пристап на жените до јавниот транспорт особено во руралните средини негативно влијае на нивната положба. Затоа извршивме истражување и анализа со цел да се воочи квалитетот на јавниот транспорт и потребата од зголемување на фреквенцијата на постоечките линии, вклучувајќи ја и потребата за обезбедување дополнителни автобуски линии во зависност од потребите на женската популација, забележуваат од КЕМ-Битола во анализата за родово чувствителен јавен транспорт.

Извршеното истражување и анкета на жени и мажи од 18 битолски села покажа дека испитаниците редовно го користат јавниот превоз и притоа жените многу повеќе, наспроти мажите кои ја користат услугата на јавниот сообраќаен превоз.

– Жените од руралните области многу повеќе го користат јавниот превоз. Жените бараат да се обезбедат дополнителни автобуски линии и тоа во временскиот интервал од 14 до 17 часот, и посебно за автобуската линија број 9 преку која градот Битола се поврзува со населените места Кукуречани и Црнеец, посочуваат од КЕМ-Битола.

Истражувањето и анализата на КЕМ при Советот на општина Битола беа направени во рамките на проектот „Ние сме идни лидерки и двигателки на промените во нашите заедници“ организиран од Македонското женско лоби, Одделот за родови студии на Институтот за општествени и хуманистички истражувања при Универзитетот „Евро Балкан“ и со партнерство на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите при Собранието на Република Македонија.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.