Жерновски да одговори: Кога лажевте за гасификацијата- пред избори или сега?

Градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски продолжува да биде контрадикторен самиот со себе. Најновиот случај е за Гасификацијата во Центар, поточно во основното училиште „Димитар Миладинов“, пишува порталот Курир.

03andrej

Жерновски не може да се одлучи по прашањето: Дали е во негова надлежност гасификацијата?

Ако е, зошто во кварталниот извештај нема дел од средствата за гасификација? Ако пак, не е надлежен, зошто тоа го најавуваше во својата програма и зошто излезе да се фотографира на почетокот на зафатот за гасификација во Центар?

Јавноста слушна три негови изјави, спротивни една од друга, па не може да сфати во која да верува, а која е лага.

Курир истражуваше и ви ги пренесуваме сите негови изјави на оваа тема.

Да почнеме од почеток:

07.03.2013-та

Андреј Жерновски во предизборието вели дека негов приоритет е гасификација на Центар веднаш.

-Прво ќе воведеме гасификација. Тоа е стратешки приоритет на опозициската коалиција и тоа ќе го направиме во општина Центар веднаш. На првите седници на Советот од нашиот мандат, ќе го формираме ЈП Центар гас. Гасификацијата ќе се одвива во две фази, вети Жерновски.

Прво, рече, ќе бидат гасифицирани болниците и училиштата, а потоа и станбените згради.

-Со ова ќе се намалат високите цени на парното, а ова ќе биде значајно и од еколошки аспект, рече Жерновски.

19.06.2013-та

Жерновски излезе на терен најавувајќи дека реализира ветен проект од сопствената програма. Тој се фотографираше во основното училиште во Центар и како свој проект ја најави претстојната гасификација.

-Од денеска започнува сериозен зафат со гасификација во општина Центар. „Димитар Миладинов“ досега плаќаше 80 илјади евра за парно греење, но со замената на природен гас, оваа сума ќе се намали на 30 илјади евра. Значи само за едно училиште општина Центар ќе заштеди цели 50.000 евра. Наша цел е да гасификацијата да се прошири, со што ќе има повеќе потрошувачи на природен гас. На оваа станица ќе може да се приклучат и околните станбени згради, изјави Жерновски.

Сето ова се смени завчера.

18.08.2014-та

Андреј Жерновски се оддалечи од своите ветувања и проекти. Одеднаш, според него, гасификацијата не била во надлежност на општина Центар.

Имено на завчерашната 25.седница на Советот на општина Центар, додека советниците расправаа за кварталниот извештај за работата на општината, советникот од ВМРО-ДПМНЕ Сашо Трпески му упати прашање на градоначалникот, зошто во самиот извештај нема дел на средства за гасификација на обејкти кои се под надлежност на општината Центар. Градоначалникот од опозициските редови, призна дека гасификацијата на истото училиште не е под надлежност на општина Центар, а со тоа ни под негова надлежност.

Сето ова отвори прашања на кои Жерновски мора да одговори: Ако гасификацијата не е ваша надлежност, зошто ги лажевте граѓаните дека тоа ќе биде вашиот прв проект? Зошто излеговте на терен фалејќи се со проект кој ниту го правите, ниту сте надлежен да го спроведете? И конечно: Кога лажевте градоначалнику- тогаш или сега?