Жерновски и Тачи ќе останат без државни пари бидејќи не пријавиле донации

Либерално-демократската партија на Андреј Жерновски, Демократската партија на Албанците на Мендух Тачи, Сојузот на Ромите од Македонија на Амди Бајрам, Демократската партија на Турците на Македонија на Ќенан Хасипи и Странка на демократска акција на Македонија на Авдија Пепиќ се петте парламентарни партии кои годинава нема да ги добијат државните пари што им следуваат според законот. Тие се казнети од Министерството за правда поради тоа што не доставиле извештај за примените донации, годишна сметка и финансиски извештај во 2013 година, пишува Дневник.

Покрај овие пет партии, државна субвенција за партиска активност, според одлуката на министерството за правда од 7 октомври што веќе е објавена во „Службен весник“, нема да добијат уште дури 30 други партии.

Според законот за финансирање на политичките партии, секоја година 0,06 отсто од целиот државен буџет треба да оди за финансирање на партиите. Тоа се околу 1,6 милион евра секоја година кои се распоредуваат според одредена методологија меѓу партии кои освоиле најмалку еден отсто од гласовите на последните парламентарни или локални избори.

Според Законот за финансирањето на политичките партии, постои посебен начин на распределба на парите. Триесет отсто од определената сума (односно околу 480.000 евра) подеднакво се делат на партиите кои на последните парламентарни или локални избори освоиле минимум еден отсто од гласачите кои излегле на гласање. Грубите пресметки велат дека се работи за околу 15-ина вакви партии што по основа на парламентарни што по основа на локални избори. Тоа би значело дека една мала партија годишно може да добие и до 30 илјади евра.

Остатокот од 70 отсто од ставката за финансирање на партиите се распределува меѓу парламентарните партии, односно секоја од партиите добива пари сразмерно бројот на освоените пратеници. По оваа основа, поголемите партии можно е да добиваат од 60 до 130 илјади евра годишно.

Освен што освоиле минимум гласови, за да ги одбијат ваквите пари партиите мора редовно да поднесуваат докази дека с` уште се регистрирана партија, потоа да достават извештај за донациите, годишен финансиски извештај и завршна сметка до 31 март за претходната година, како и истите да ги објават на својата веб-страница, пишува „Дневник“