Жерновски имал 183 прес-конференции, од кои само во 25 говорел за општински проекти

Градоначалникот на Општина Центар, Андреј Жерновски најголем дел од времето во својот мандат го посветил на пресметки и обвинувања кон актуелната власт, а многу мал дел за позитивни теми од кои главна придобивка ќе имаат жителите на општината со која раководи. За разлика од Жерновски, сосема поинаква е ситуацијата со градоначалникот на град Скопје, Коце Трајановски, објавува Курир.

Во изминативе 19 месеци како е градоначалник на Општина Центар, од април 2013 година, податоците покажуваат дека Жерновски во јавноста излегол да говори на 183 теми, од кои само 25 теми биле позитивни, а останатите 148 теми биле политички обвинувања и пресметки или несуштински теми кои се несвојствени за еден градоначалник.

Меѓу оние речиси 150 теми на кои Жерновски излегувал со критики, се издовјуваат неговите ставови за мандатите на опозициските пратеници, неговото појавување на тибините кои ги организира најголемата опозициска партија СДСМ, а на кои градоначалникот на Центар говори за најавата за бомбата на Зоран Заев, како и на многу други.

Овие прецизни податоци покажуваат дека Жерновски поголемиот дел од времето наместо за своите проекти, како градоначалник го посветил критикувајќи ги другите проекти кои не се во негова надлежност.

Во изминатите 19 месеци, првиот човек на Општина Центар најголемиот дел од медиумските настапи ги посветил на обвинувања за проектот Скопје 2014 и најава за ревизија, од која ништо конкретно не произлезе. Експертите кои ги ангажираше Жерновски пронајдоа само процедурални и технички пропусти во постапките.

Меѓу другото, тој во своите настапи на повеќе пати се закануваше и со тужби до медиуми, поради клевета, како и со протести против притворот на Мирослав Шиповиќ, а во втората половина од оваа сага времето го посвети на откривање на кртови во сопствените редови кога на прес конференција излезе и кажа дека некој во Советот на Центар ќе биде издајник, мислејќи токму на Шиповиќ.

Жерновски најмалку од своето време го посветил на позитивни теми и проекти од кои корист ќе имаат жителите на Центар. Од тие 25 теми кои биле позитивни, само неколку се поврзани со суштински проекти за еден градоначалник како што се фасадата на зградата “Папагал”, ново паркче во општина Капиштец, отворањето на Боемската улица и реконструираната фискултурна сала.

Останатиот поголем дел од позитивните проекти се најави за проекти или проекти како реализиран отворен ден за граѓани, организирање на Денови на македонскиот мед, најава дека Центар ќе го оживува комплексот Езерце, проект кој се уште не се случил, како и тоа дека учениците во Центар ќе се вклучат во бизнисот со пластични шишиња.

Во сработеното на градоначалникот на општина Центар може да се вброи и посетата на трите паднати електрични столба, при што првиот човек на општината констатираше дека еден е оштетен. Ова секако не претставува суштински чекор кој ќе го подобри животот на граѓаните во општината,

Жерновски обвинува и се пресметува, Трајановски се држи до проектите

Колку за да се има реална компарација, Андреј Жерновски го споредивме со градоначалникот на град Скопје, Коце Трајановски. За разлика од Жерновски, првиот човек на град Скопје мандатот не го користи за политичка пресметка, туку за остварување на најавените проекти.

Трајановски во последниот мандат за 19 месеци имал 280 медиумски настапи и сите 280 се поврзани со позитивни проекти, наспроти 148 те негативни настапи и политички обвинувања на Жерновски.

Трајановски за политички теми говорел во незначителен број на случаи, кога имало потреба да одговори на обвинувања на опозицијата и нивни прес конференции, но и тогаш Трајановски не употребувал политички квалификации, туку се држел во своето обраќање до проекти и мерки кои ги превзема градот Скопје.

Во позитивните медиумски настапи на Трајановски влегуваат теми како изградена нова фекална канализација во Радишани, пуштена во употреба втората фаза од булеварот Борис Трајковски, промоција на новите автобуски постојки, нови кружни текови на „Втора Македонска бригада“ и Лазо Трповски како и почеток на градба на кружниот тек на крајот на партизански одреди, пуштање на третиот дел на булеварот Илинденска.

Покрај ова, во позитивните теми на Трајановски влегуваат и 47-те милиони денари за реконструкција на средните училишта во 2013 година, нов парк покрај булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов, фекална канализација за Јурумлери и реконструкција на нова водоводна мрежа во Стајковци , почеток на проширување на булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов, завршеток на реконструирање на МКЦ и останати проекти од инфраструктурно значење за граѓаните.

Оваа анализа укажува дека Жерновски најголемиот дел од своето време наместо на проекти го посветил на политичка реторика. Ваквата компарација освен тоа што говори и за тоа како работат двата градоначалници и на што го посветуваат своето време додека се избрани од граѓаните, тоа укажува и за односот меѓу власта и опозицијата. Генералната настроеност кон градење на проекти, наспроти времето кое се поминува на политички обвинувања, критики и пресметки.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.