Жерновски „исчезна“ во поплавите

На центарот на Скопје во изминативе денови му се случија неколку локални непогоди, но од локалните власти ни трага.

Прво, во строгиот центар се затна главниот одводен систем, а во неделата вечер центарот на Скопје беше зафатен од силно невреме по што голем број улици и локали беа поплавени и оштетени. За сето ова време, градоначалникот на Центар, Андреј Жерновски не можеше ниту да се види, ниту да се чуе.

Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски уште вечерта кога се случија поплавите излезе да види како се одвиваат работите на терен, па дури и сам се фати за работа. Додека, Жерновски, чија општина и најмногу беше погодена од поплавите, никаде не можеше да се види.

Конкретни предлози како ќе им се помогне на оштетените граѓани, од градската власт најавија за неколку дена. Од општина Центар досега немаше никаква реакција или информација што конкретно ќе сторат за да им помогнат на граѓаните погодени од поплавата.

На нашето прашање што работат и какви се плановите ни беше посочено дека допрва се подготвува план како да им помогне на погодените во поплавите.

„Екипи на општината се на терен и вршат проценки. Најмногу претставки имаме за поплавени подрумски простории, но, сепак бројката не е многу голема. За неколку денови ќе излеземе со конкретни мерки“, велат од Општина Центар.

Сите градоначалници вчера имаа координативна средба со градоначалникот Коце Трајановски, каде што беше договорено локалните власти да ги активираат своите кризни штабови и активно да се следат можностите од евентуални нови поплави.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.