Македонија

Жерновски пред Уставен ќе ја оспорува десеткатницата на Водно

Жерновски пред Уставен ќе ја оспорува десеткатницата на Водно

Градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски, денеска поднесе иницијатива до Устанвниот суд за утврдување на  законитоста на одлуките на Советот на општината за донесување на измени на два детални урбанистички плана,„Тасино чешмиче“ и „Капиштец – Водно“, што според него се спорни и спротивни на Генералниот урбанистички план.

Веќе изгласаните планови,  предвидуваат изградба на десеткатницата на Водно, наречена „Водно резиденс“, односно давање можност  хотелот „Панорама“, наместо на четири ката,  да се издигне на десет.

 „Согласно законските можности доставив известување до министерот за локална сампуправа со барање овие спорни одлуки да бидат забранети. За мене, за стручната јавност, па и за министерот за локална самоуправа овие детални урбанистички планови се нелегитимни, незаконски, противуставни, тие едноставно се ништовни. Аргументите се на моја страна, на страната на општината и што е најважно на страната на граѓаните на општина Центар“, истакна   Жерновски.
Тој воедно посочи дека  засегнатите граѓани од овие две населби, во свое име ќе поднесат барања до Уставниот суд да се оспорат новите измени на овие урбанистички планови.
Претседателот на Советот на општина Центар, Мирослав Шиповиќ не гласаше „за“ предложенитре измени во деталните урбанистички планови,  но со своето присуство обезбеди кворум, тие да добијат зелено светло од Советот. Во отсуство на опозицијата плановите беа изгласани со 11 гласа „за“ од советниците на ВМРО-ДПМНЕ и еден глас „против“ од Шиповиќ.
Жерновски ја оспорува законитоста на гласањето, бидејќи, според него,  детални урбанистички планови се гласаат со квалификувано мнозинство, што  во случајот не е така. Од друга страна, Државниот инспекторат за локална самоуправа има поинакво толкување на законот, и вели дека ДУП-овите се носат со просто мнозинство, освен ако во Законот за локална самоуправа децидно не е наведено за кои одлуки е потребно квалификувано мнозинство.