Жерновски стави вето на спорните урбанистички планови

Градоначалникот на Општина Центар, Андреј Жерновски, како и што се најавуваше, ќе стави вето на одлуките за двата Детални урбанистички планови „Тасино Чешмиче“ и „Капиштец- Водно“, донесени на минатата седница на Советот.

Тој денеска ја информираше јавноста дека ќе го искористи своето законско право и нема да дозволи одлуките да се објават во службеното гласило на општината, со тоа што ќе потише решение за запирање на одлуката за овие ДУП-ови.
Во ваков случај, претседателот на општината, Мирослав Шиповиќ, треба да свика нова седница за истите точки во рок од 15 дена.

Жерновски најави и претставка до Уставен суд, за утврдување на законитоста при изгласувањето на спорните ДУП-ови, доколку и на следната седница тие бидат изгласани.

„Повторно го поздравувам ставот на министерот за локална самоуправа, кој кажа дека спорните ДУП-ови согласно Законот за локална самоуправа не се донесени. Овој став се совпаѓа со ставот на општината и со мојот став и се надевам дека Министерството и понатаму ќе продолжи така да реагира“, изјави Жерновски.

Од друга страна, директорот на Државниот инспекторат на локалната самоуправа, Ванчо Шехтански, најави присуство на инспектори на најавената седница, но, воедно посочи дека за одлуките што се носат на Советите, единствено надлежен е Државниот инспекторат на локалната самоуправа, кој ја верификува одлуката на Советот или ја поништува.

Со последните измени во Законот за локална самоуправа, од 1 мај инспекторатот е посебно правно лице и Министерството за локална самоуправа веќе нема никакви надлежности во однос на одлуките на советите на општините.

„Единствени кои ќе дадат меродавно толкување на одлуката на Советот на општина Центар е инспекторатот, не Министертсвото за локална самоуправа. Ние сè уште не сме ја добиле одлуката на општина Центар за промената на деталните урбанистички планови, а  пред Уставниот суд само инспекторатот може да покрене постапка за запирање на одлука“, вели Шехтански.

Рокот  за доставување на одлуката до инспекторатот е 10 дена.

„Кој е тој Шехтански? Мислите на оној Шехтански кој пред извесен период пред основните училишта во Чаир, мафташе со документи и изјави дека нема да постојат таблите со нови имиња на училиштата. Се’ уште ги гледам на истите места“, истакна Жерновски.

Како одговор на обвинувањето, Шехтански кусо изјави дека и минатата година и оваа година сведителствата и печатите во споменатите училишта се со македонските називи, а тоа што таблите се’ уште стојат таму, е работа на Министерството за внатрешни работи, а, не на Инспекторатот за локална самоуправа.