Жерновски удри по Уставниот суд

Градоначалникот на општина Центар Андреј Жерновски денеска остро ја искритикува одлуката на Уставниот суд да ја отфрли иницијативата за утврдување на законитоста на одлуките на Советот на општината за донесување на измени на два детални урбанистички плана, „Тасино чешмиче“ и „Капиштец – Водно“, што според него се спорни и спротивни на Генералниот урбанистички план.

Тој одлуката на Уставниот суд ја оцени како скандалозна и притоа потенцираше дека во земјава всушност оваа институција не постои и дека ова се тешки денови за македонското судство.

Жерновски го нападна Уставниот суд обвинувајќи дека наместо да спроведува право исполнува политичко-партиски желби.

– Ова се најтешки денови за македонското судство. Оваа скандалозна одлука покажа дека во Македонија всушност и не постои Уставен суд, туку постои Суд кој спроведува партиско-политички одлуки. Истата е типичен пример за тоа како политиката го узурпира правото, изјави Жерновски оценувајќи ги објаснувањата на Судот како траги-комични.

Жерновски посочи дека за него одлуката и понатаму е нелегитимна. Одговарајќи на новинарско прашање тој потенцира дека нема да потпише никакво одобрение за градба, туку дека ќе ги чека инспекциските налози.

Незадоволен од вчера донесената одлука на Судот, Жерновски во повеќе наврати истакна дека работењето на Судот е смешно, а одлуката скандалозна.

Да се потсетиме, до пред некое време оваа институција за опозицијата беше најнезависниот орган во државата.