Жерновски упорен да ги дислоцира спомениците, иако тоа е незаконски

Градоначалникот на Општина Центар, Андреј Жерновски, во интервју за „Радио слободна Европа“, најавува дислокација на спомениците на плоштадот „Македонија“, кои се дел од проектот „Скопје 2014“. За тоа, во септември планира да спроведе референдум во општината и доколку добие зелено светло од граѓаните ќе почнел да ја спроведува идејата, која беше негова главна „мантра“ во предизборната градоначалничка кампања.

„Триумфалната капија не може да се премести, меѓутоа сите овие споменици што се на плоштадот, на територија на Општина Центар ќе мора да бидат подложни на промена доколку граѓаните на оваа општина тоа го одлучат, бидејќи тие се поставени во оваа општина. Не сакам да гледам себично од аспект на тоа само центарци да одлучат, меѓутоа, знаеме каде е загрозена целата територија и она што е јасно, што го ветив и што го дадов на знаење е дека нема повеќе да продолжи тој проект, не може да продолжи, затоа што додека сум јас тука нема да се усвојат ниту такви Детални урбанистички планови, ниту нови измислени споменици и гледаме дека сега се проширија надвор од Центар, па почнаа своите споменици од Скопје 2014 да ги носат во нивните општини, но во Центар тоа нема да се случи“, вели Жерновски во интервјуто.

Желбата на градоначалникот на Центар да ги дислоцира спомениците звучи прилично опортунистички, особено поради фактот што и тој добро го знае,  дека изгработката и поставувањето на спомениците од проектот „Скопје 2014“ се спроведени во законска процедура. Објектите се легално поставени и како такви Жерновски нема силни аргументи на негова страна да ги помести и постави на сосема други места.