Жестока дебата во ЕП за Македонија

Очекувано жестока дебата се водеше меѓу европратениците во рамки на Комитетот за надворешни работи (АФЕТ) на Европскиот парламент, откако известувачот Иво Вајгл ја претстави предлог-резолуцијата за Република Македонија, во која по деветти пати препорачува Советот да ги отвори преговорите за членство на нашата земја во Европската унија.

Како што јавува МИА, најпрво претседателот на Мешовитиот комитет на ЕП и македонското Собрание, Словенецот Алојз Петерле, истакна дека предлог-резолуцијата на Вајлг е реалистична, конструктивна и проевропска и покажува чувствителнсот за проблемите во Македонија.

Словенечкиот европратеник рече дека шест пати Европската комисија препорачува отворање на преговорите и изгледа дека Македонија е подготвена за тоа, но Европскиот совет не го награди напредокот на државата и затоа е важно известувачот да ги насочи очекувањата кон институциите на Европската унија.

– Отворање на пристапните преговори ќе го придвижи решавањето на отворените прашања. Како ко-претседавач со Мешовитиот парламентарен комитет за односи со Македонија, жалам што македонскиот парламент не работи во својот нормален опсег и во ноемрври минатата година во Страбзур имавме добар работен состанок, истакна Петерле.

По него, Даниеле Дан Преда од Европската народна партија (ЕПП), а во името на Моника Маковеј, која е известувач од сенка за Македонија, рече дека Маковеј итно ги повикува земјите-членки да се отворат пристапните преговори со Македонија. Тој посочи дека Маковеј има две замерки на оваа предлог-резолуција, при што првата се однесува на правосудството и тука со големо задоволство забележала дека Македонија се наоѓа во напредно ниво на ускладување на судските реформи и државата успеала да се избори со многу предизвици. Тоа, според Романката е охрабрувачки и треба да се продолжи со работа за независност на судството и работата на судиите, како и вонсудско решавање на споровите.

– Борбата против корупција е втора точка и тука Маковеј го поздравува напредокот во ова подрачје, посебно што околу 30 случаи на високо рангирани личности се покренати минатата година – ги цитираше Дан Пред забелешките на својата колешка.

Поранешниот известувач за Македонија, Ричард Ховит, сега како известувач во сенка на Социјалистите и Демократите, посочи дека го поддржува јасно заземениот став во предлог-резолуцијата за отворање на пристапните преговори со Македонија.

– Срамно е и ние сме единствена ЕУ-институција која се обидува да го реши ова прашање поврзано со името, кое сега се користи во политички цели и предизвик е да најдеме консензус или ситуацијата ќе оди на полошо. Ние имаме важна улога меѓу двете страни за тие да соработуваат. Потребен е помирувачки тон, иако постојат проблеми со корупцијата, слободата на меидуми и судство, но тоа се проблеми на целиот регион. Не треба да кажеме дека тоа се проблеми кои спречуваат почеток на преговорите. Ние како европски социјал-демократи ќе поднесеме амандмани за точката околу уставните промени, бидејќи истата мора да има широка поддршка на сите во Македонија, не само од една партија. Замаглен е и предлогот за меѓуанродните финансиски зони, а ЕП ќе мора да се заземе и за правата на ЛГБТИ-заедницата во земјата, посочи Ховит.

Чарлс Тенок од групата на Европски конзервативци и реформисти, посочи дека неговата партија ја поддржува кандидатурата на Македонија за членство во Унијата и отворање на преговорите, посочувајќи дека е жално што минале девет години и сега е лимбо-ситуација откако во 2005 година земјата се стекна со статус на кандидат земјата. Истакнувајќи дека Македонија има проблеми, дека како мала држава има високо ниво на неврбаотеност, Тенок, кој потсети дека одбива да ја користи референцата ПЈРМ, посочи дека има етнички тензии и напнатост „меѓу Албанците и словенското население во земјата”, како и проблеми поврзани со радикализацијате, односно џихадистите.

– Постојат политички проблеми меѓу власта и опозициските партии, што резултира со бојкот на парламентот. Владата на Груевски се определи за создавање поволна бизнис околина, отворање на пазарот, а Федерика Могерини рече дека ќе се посвети на земјите од Западен Балкан и во новата улога да создаде решение поврзано со конфликтот за името. Преговорите со ЕУ ќе ги придвижат реформите во земја како Македонија и сметам дека секое друго решение може да предизвика социјална и политичка нестабилност и да покаже цинизам кон ЕУ, посочи Британецот Тенок, додавајќи дека жалаи што медијаторот за разликите околу името на Обединетите нации, Метју Нимиц, одбил да дојде како гостин на Европарламентот за од него да се дознае која е состојбата во ОН кога се работи за спорот за името.

По ова на сцена стапија грчките европратеници, но не од Грција, туку оние од Кипар. Па така Деметрис Пападакис од европските социјал-демократи истакна дека прашањето за името треба да биде решено со меѓусебно прифатливо решение и дека не смее да се врши притисок инаку тоа прашање никогаш нема да се реши. Посочувајќи дека Македонија треба да гради дмеократски капацитети преку реформи, тој рече дека единствен проблем за земјата да ги отвори преговорите со ЕУ не е само спорот за името.

Кипранката Елени Теохару, пак, беше децидна дека Македонија не почнува преговори со Унијата поради други проблеми, како прашњето за демократија, правата на малцинствата и состојбата во судството, а не поради грчките блокади заради името.

– Има проблеми и да се реши прашањето името, Македонија нема да може веднаш да почне да преговара. А за прашањето за името, Јорк не е исто што и Њујорк и работите не се идентични, треба да се проучи историјата, да се читаат Аристотел и Платон и да се види што се случило во Првата и Втората светска војна, како и што се случило во регионот поврзано со Тито. Важно е да бидете информирани и за делувањето на екс-министерот за надворешни работи Антонио Милошоски, кој стави непризнато знаме на земјата на Олимп, истакна кипарската европратеничка.

На ова реагираше шпанскиоо европратеник од редовите на европските либерали, Хавиер Нарт, кој посочи дека е навистина патетично што во Европа се соочуваат со вакви прашања „каде се става вето на едно подрачје кое историски е секогаш познато како Макеоднија”.

– Имаме смешно име ПЈР Макеоднија, што е неприфалтиво. Се става вето поради име кое историски и припаѓа на оваа земја. Во Шпанија и Франција има подрачја Русион и никој ова прашање за име во Шпанија или во Франција не спори за тоа. Слушаме смешни приказни дали сонцето да биде присутно на знаме или не и тоа се повеќе психилошки, отколку историски прашања. Ако границите се признати и земјата нема територијални претензии, како може девет пати да ја блокираме Македонија!? Тоа е преседан кој ситуацијата уште повеќе ќе ја комплицира. Повикувам да бидеме раузмни, реплицираше Шпанецот Нарт.

Традиционално, пратеникот Ангел Џамбаски од редовите на бугарската партија на ултра-националистот Красимир Каракачанов, повика на одбрана на правата на самоопределување на некаква заедница што ги немала во Македонија. Тој рече дека оваа заедница немала право да користи мајчин јаизик, да основа партии и да се здружува во Македонија и дека за тоа е потребно да се измени законодавството.

Во исто време, еден од европратениците повика и на почитување на пресудата на Меѓународниот суд на правдата од Хаг, донесена на 5 декември 2011 година, дека Грција нема право да ја блокира Македонија во нејзините интеграции во меѓународните огранизации. А, поранешниот шеф на дипломатијата на Словачка, Едвард Кукан, рече дека е разочаран што од година во година ЕП расправа за иста ситуаицја во Македонија, а се свесни од последиците на оваа пат-позиција која постои.

– Мнозинството во ЕП, во Еврокомисијата и во Советот се согласни да почнат преговорите, но одлуката се става на страна и се одложува поради спорот за името и треба тоа јасно да го кажеме. Се согласувам со Вајгл дека името не треба да ја спречува препораката за отворање на преговорите и да ја повикаме Могерини да работи на процес на заеднички прифатливо решение. Падот на политичката култура во змејат аи она што се случува внатре во парламентот е последица на сето ова, истакна Словакот Кукан.

Претставникот на Европската комисија, Дејвид Кулен, кој е шеф на одделението за Македонија во Директоратот за преговори за проширување, рече дека оваа нацрт-резолуција на Вајгл добро ја покажува ситуацијата во Македонија. Тој повтори дека Комисијата смета оти отворањето на преговори ќе придонесе за одржување на реформите и темпото во земјата и дека ЕК смета оти Македонија е високо усогласена со европското законодавстви. Сепак, тој рече дека во ЕК се загрижени за политизирањето на државните институции, за независноста на правосудството и се полошата ситуација во медиумите.

– Отсуството на главната опозициска партија од парламентот не загрижува и одговорност на власта и на опозицијата е да се погрижат расправата да се врати во рамки на избраните тела. Реформите на образованието и нацрт-уставните реформи бараат широк консензус во друштвото, а уставните амандмани мора да ги почитуваат човековите права и борбата против перење на пари. По заклучоците на Советот во декември, Комисијата интензивно ќе работи во претстојните месеци и низ дијалог и програма на помош и на покренување на Пристапниот дијалог на високо ниво (ХЛАД), откако ќе се задооволат условите. Во минатото, овој процес добро функционираше и мора да се вратиме на клучните реформи, гласи пораката на Кулен од Комисијата.

На крајот, претседавачот со седницата на Комитетот за надворешни работи, Андреј Пленковиќ, порача дека тој лично се занимава повеќе од 20 години со политиката на проширување на ЕУ, па потсети дека Македонија уште во летото 2000 година, на Самитот во Загреб потпиша Договор за стабилизација и асоцијација со Унијата.

– Тоа беше пред 15 години и се рбаоти за долг период и мислам дека новиот коемсар за проширување Јоханес Хан, ќе мора да се насочи кон досието за преговори со Македонија на поинаков начин, бидејќи ова е сериозен и отворен проблем кој не е добар за кредибилитетот на Унијата. Затоа го поддржувам ставот на Вајлг да се направат напори за прашањето за името да не биде пречка за отворање на преговорите оти тоа ја зголемува фрустрацијата што се креиера внатре на политичката сцена. Верувајте ми, никој кој не бил блокиран, не може да го разбере тоа и нашиот комитет мора да стори нешто за Македонија да напредува кон Европската унија, алармираше европратеникот Пленковиќ.

Со ова заврши дебатата во Европарламентот за Македонија, која во рамки на АФЕТ-групата ќе продолжи на 31-ви овој месец, со поднесените амандмани на европратениците, а идниот месец, на пленарна седница во Стразбур, Европскиот парламент се очекува да ја изгласа Резолуцијата за Македонија со нова, деветта по ред препорака до Европскиот совет за отворање на преговорите за членство.