Жестоки судири во Мианмар

На северот на Мианмар, во провинцијата Шан, веќе трет ден се водат жестоки борби меѓу армијата и бунтовниците од племето Коканг, објавија денеска мианмарските државни медиуми.

Судирите започнале во понеделникот попладне, кога над 1.000 вооружени бунтовници нападнале неколку владини и воени објекти во провинцијата, која се наоѓа на североистокот на Мианмар.

Вчера и денеска армијата возвратила на нападите, а во акциите е вклучена и воената авијација на Мианмар. Нема податоци за жртви.

Пред десет дена, кога беа обновени борбите, загинаа најмалку 11 бунтовници и девет припадници на армијата.

Обновувањето на судирите во Мианмар повторно го одложи потпишувањето на договорот за воспоставување на мир. Покрај т.н. Армија за слобода на Шан, составена главно од дезертери од мианмарската армија, борбите ги обновија и бунтовниците од провинцијата Качин.

Примирјето требаше да биде потпишано и прогласено минатиот месец, но со обновувањето на судирите стана неизвесно дали ќе има крај на племенските востанија што ја потресуваат државата.

Борбите на мианмарската армија со бунтовничките племиња започнаа уште во 1948 година кога тогашна Бурма стекна независност. По делумното укинување на воената управа, во 2009 година, започнаа преговори за целосен прекин на вооружените судири, но мирот се уште е далеку.