Жиру не сака да мрдне од Лондон

Мајкл Мануело, агентот на францускиот интернационалец од редовите на лондонскиот премиерлигаш Арсенал, Оливие Жиру, ја негираше пласираната шпекулација дека неговиот клиент сака да си замине од Островот на крајот од актуелната сезона.

„Оливие има одлична сезона и нормално е да има такви шпекулации околу неговата иднина, шпекулации дека е желба на неколку клубови кои не се натпреваруваат во англиската Премиер лига. Прочитав дека е желба на Јувентус и на Рома, но единствената вистина е таа дека јас не сум остварил никаков контакт со тие клубови. Не сум остварил никаков контакт со ниту еден друг клуб. Точно дека Јувентус покажа голем интерес за мојот клиент, но тоа се случи пред да биде прифатена понудата од Арсенал. Убаво му е во Лондон и знам дека и клупските челници се задоволни од неговите партии. Мислам дека нема ни теоретска шанса за промена на клупската средина за време на летниот преоден рок”, изјави агентот на францускиот интернационалец.