Свет

Жителите на Тајланд го прославуваат роденденот на кралот

Жителите на Тајланд го прославуваат роденденот на кралот

Илјадници жители на Тајланд, главно облечени во жолто, вчера и денеска го прославуваат роденденот на кралот Бумибол Адулјадеј, кој овој пат не се појави во јавноста, поради здравствени причини, пренесе МИА.

Кралот на Тајланд, кој наполни 87 години и преживеа десет државни удари, е со над 45 милијарди долари сопственост и еден од најбогатите на светот, а било каков обид за директна, па и индиректна навреда кон него повлекува затворска казна до 15 години.

Роденеденот на неговото величество беше повод сегашните власти да ја заборават уредбата за забрана на собирање на група од повеќе од пет луѓе на јавни места. Седум кралски палати во Бангкок и околината и голем број слични објекти ширум Тајланд беа отворени за запишување во книгите за добри желби.

Прославата имаше и политички конотации, особено со појавувањето на целиот кабинет на преодниот премиер Прајут Кан-ока на церемонијата што се одржа во кралската палата. На церемонијата беа прочитани и поздравите и желбите од голем број светски лидери, меѓу кои и на британската кралица Елизабета, американскиот претседател Барак Обама и рускиот претседател Владимир Путин.

Англиската кралица потстетува на 400-годишно пријателство со единствената неколонијализирана држава во Азија, а во пораката на Обама се нагласуваат повеќе од пријателските односи меѓу САД и Тајланд. Вашингтон, по воениот удар од 22 мај, замрзна најголем дел од воената, економската и политичката соработка со Тајланд.