Македонија,Економија

Живко Мукаетов – дел од светското елитно друштво на Млади глобални лидери

Живко Мукаетов – дел од светското елитно друштво на Млади глобални лидери

Генералниот директор и Претседател на Управниот одбор на „Алкалоид“, Живко Мукаетов, стана дел од светското елитно друштво на Млади глобални лидери, чија главна цел е со заеднички напори и залагања, да го направат светот подобро место за живеење. Како единствен претставник од Македонија во Класата 2014, пред да се стекне со престижната титула Млад глобален лидер, Мукаетов го помина исклучително комплексниот, ригорозен процес на селекција кој се состои од неколку фази, а на чело на селекцискиот комитет стои кралицата Ранија ал Абдулах од Хашемитското Кралство Јордан.

Главниот извршен директор на „Новите шампиони“ во рамки на Светскиот економски форум, г. Дејвид Ајкман, им посака пригодно добредојде на новите лидери:

„Младите глобални лидери не се единствено исклучителни луѓе сами по себе, туку тие се лидери кои веќе имаат постигнато добри резултати во подобрувањето на состојбите во светот. Им посакуваме добредојде на членовите на Класата 2014 во нашата заедница и со нетрпение го очекуваме нивниот колективен ангажман, кој се надеваме, ќе резултира со промени кои ќе имаат глобално значење во вистинска смисла на зборот“, истакна Ајкман.

Форумот на млади глобални лидери (ФМГЛ) е основан во 2004 година, од страна на г. Клаус Шваб, како независна фондација за тесна соработка со Светскиот економски форум. Друштвото на Млади глобални лидери од основањето до денес ширум светот брои над 900 членови а меѓу познатите млади глобални лидери во светски рамки се вбројуваат: Мариса Маер – главен извршен директор на „Јаху“, Лари Пејџ – коосновач и главен извршен директор на „Гугл“, Чо Шун – актерка и амбасадорка на добрата волја (Програма за развој на Обединетите Нации), Насоко Јамазаки – јапонски космонаут и специјалист на мисијата во посадата на „СТС-Дискавери“.

Покрај Мукаетов, член на Форумот на млади глобални лидери од земјава е и г. Фатмир Бесими, кој дел од ова друштво стана во 2010 година, како тогашен министер за економија на Македонија.

Од илјадници номинации, годинава во редовите на друштвото на Млади глобални лидери успејаа да влезат само 214 светски истакнати и докажани личности во рамки на својата дејност, од 66 земји низ 7 региони во светот, од кои 46-мина се од Европа.

Покрај г. Мукаетов, се најде и светски познатиот и признат шеф со македонско потекло, сопственик и основач на данскиот ресторан „Нома“ (носител на две Мишелин ѕвездички),  г. Рене Реџепи а меѓу останатите 212 истакнати личности во Класата на млади глобални лидери 2014, се забележаа и:

 

 

  • Карл-Јохан Персон, Претседател и главен извршен директор на шведскиот гигант „Хенес и Мориц АБ“ нам позната како „Х&М“
  • Франческа Карлеси, Управен директор на „Дојче Банк“ Италија
  • Наталија Војданова, Топ-модел, основач и претседател на руската „Фондација отворено срце“
  • Патрисија Кобијан, Управен директор на шпанската „Телефоника Европа“
  • Владимир Кличко, светски боксерски шампион во тешка категорија и сопственик на „Кличко Менаџмент Групацијата“
  • Масина Зиглер, англиска писателка и претприемач
  • Џејмс Мур, Канадски министер за индустрија
  • Авани Давда, главен извршен директор на индиската „Тата Старбакс лимитед“
  • Шарлиз Терон, Актерка и основач на проектот „Шарлиз Терон за Африка“
  • Џеред Коен, Директор на „Гугл Идеи / Гугл САД“
  • Дајвид Карп, основач и главен управен директор на американскиот „Тумблр“
  • Оливиа Лиланд, директор за партнерства во „Фондацијата Бил и Мелинда Гејтс“
  • Хедер Зихал, Заменик помошник на Претседателот Барак Обама за Енергија и Климатски промени

И други.

 

Целосната листа на Млади глобални лидери можете да ја погледнете на: http://widgets.weforum.org/ygl-2014/#ygl2014