Жорге Жезус и “зари нож во грб” на Бенфика

Долгогодишниот тренер на Бенфика, Жорге Жезус донесе неочекувана одлука да го напушти актуелниот португалски првак и да се пресели во градскиот ривал Спортинг.

Причина за ова било неговото незадоволство од понудата на раководството на клубот за нов договор. Двете страни преговараа неколку недели, но не успеале да најдат заеднички јазик, па брзо интервенирале од Спортинг и го привлекле Жезус. Интересно е тоа што неговото деби на клупата на новиот клуб ќе биде токму против Бенфика бидејќи двата тима од Лисабон ќе играат меѓу себе во Супер-купот на Португалија, пред стартот на новата сезона.

Одлуката на Бенфика да не му даде подобри услови на Жезус е големо изненадување ако се знае дека под негово водство, тимот од Лисабон ја запре доминацијата на Порто и последните две сезони ја освојуваше титулата во португалското првенство. Инаку, Бенфика и Спортинг се најголеми меѓусебни ривали иако нивната разлика во трофеите е огромна, а тука е и Порто.

Бенфика досега има 34 титули во домашното првенство, речиси двојно повеќе од Спортинг кој освои 18, но последната од нив во 2002 година.