Спорт

ЖРК Вардар доби можност за одмазда – Будуќност ќе биде противникот во полуфиналето од ЛШ

ЖРК Вардар доби можност за одмазда – Будуќност ќе биде противникот во полуфиналето од ЛШ

Среќата му се насмевна на ЖРК Вардар – ждрепката која предмалку заврши во Виена сакаше нашиот ракометен шампион за противник во полуфиналето на фајнл-фор турнирот да го добие стариот должник од минатата година, тимот на Будуќност.

Ова ќе биде одлична можност за одмазда за поразот 22:20 кој црногорскиот шампион им го нанесе на “вардарки” минатата сезона на фајнл-форот во Будимешта, по што “црвено-црните” мораа да се задоволат со третото место по победата над Мидтјиланд.

Прва која ја прокоментира ждрепката беше директорката на ЖРК Вардар, Ана Михајловска.

“Иако имаме лоши спомени од минатата сезона и дуелот против Будуќност на фајнл-форот, се надевам дека оваа година ќе биде многу поинтересно а и подобро, во наша корист. Морам да кажам дека по неколкуте лоши резултати никој не очекуваше да се пласираме, но ете тука сме. Токму поради пласманот на фајнл-форот и моралот на екипата е на едно многу високо ниво, што секако ќе биде огромен плус за нас. Ова ќе биде еден нов Вардар, многу поразличен од оној кој сезонава забележа пораз и нерешен резултат во дуелите со Будуќност во групната фаза, ќе дадеме максимум, па ќе видиме што ќе се случи.”

И десното крило на ЖРК Вардар, Јованка Радичевиќ накусо истакна дека ова е фајнл-фор и дека сите екипи се многу силни, па така за да се освои титулата ќе мора да се победат најдобрите.

Во второто полуфинале ќе играат Ларвик (Норвешка) и Динамо Синара (Русија).