ЖРК Вардар не отпатува за Унгарија

Ракометарките на ЖРК Вардар вечерва требаше да отпатуваат за Унгарија каде беа планирани подготовки и одигрување на неколку контролни натпревари, но истиот план е сменет и македонскиот првак ќе остане во Скопје.

Во СЦ „Јане Сандански“ ќе продолжат подготовките на екипата и истовремено ќе се одиграат неколку натпревари за подигање на формата.

На тренинзите на екипата и се приклучија и Итана Грбиќ и Наташа Нолевска. Тие ќе ги одработат подготовките со првиот тим, но ќе останам дел од тимот на Вардар и ќе играат за втората екипа сезонава. Ова ќе биде големо искуство за двете ракометарки, бидејќи ќе имаат шанса да работат со врвни тренери и играчи.

Наместо контролни натпревари во Унгарија, во Скопје од 17 до 22 јануари ќе допатува екипата на Копенхаген и истата ќе му спарингува на ЖРК Вардар.

-Планираното патување за Унгарија беше со цел да одиграме што е можно повеќе контролни средби со различни противници. Но, откако дел од веќе договорените натпревари беа откажани од страна на нашите ривали, решивме да не патуваме за Унгарија. Условите што ги имаме тука во СЦ „Јане Сандански“ ни даваат извонредна можност за подготовки. Остануваат само контролните натпревари, а екипата на Копенхаген ќе ни помогне во подобра подготовка. Се надеваме дека ќе успееме да одиграме дополнително уште некој натпревар пред продолжението на Лигата на шампионите,“ вели Индира Кастратовиќ, тренерот на ЖРК Вардар.

На тренинзите на екипата се приклучија и Ања Алтхаус и Татјана Хмирова, кои тренираат под посебна контрола.