Магазин

Жулиет Бинош доаѓа во Битола на „Браќа Манаки“

Жулиет Бинош доаѓа во Битола на „Браќа Манаки“

Актерката Жулиет Бинош, која моментно е на светска промоција на филмот „Облаците на Силс Марија“, ќе дојде на свеченото отворање на 35. издание на „Браќа Манаки“, за да ја прими специјалната „Златна камера 300“ за особен придонес во филмската уметност. Филмот е напишан специјално за Бинош од режисерот Оливие Асаја.

Јавниот разговор отворен со неа на „Манаки“ за публиката ќе се одржи на 14 септември од 11 часот во малата сала на Центарот за култура.

Бинош во тридецениската кариера снимила 58 филмови, а добила 28 награди од буквално сите фестивали кои значат во светот на филмот, меѓу кои и Оскар за најдобра споредна улога во „Англискиот пациент“ од 1996 година на Ентони Мингела.
Но, имајќи ја шансата да oстане и да снима исклучиво во жариштето на филмската индустрија, одбира да се врати дома со Алис и Мартин (1998) на Андре Ташине. Не е првпат Бинош да одолее на Холивуд. Во 1993 година го одбива Стивен Спилберг за улога  во Паркот Јура, за да може да ја толкува носечката улога на Жули во „Три бои: Сино“ на Кишловски. Втората оскаровска номинација, овојпат за главна актерка, е во светскиот мега-хит на Ласе Халстром од 2000 година, „Чоколадо“. Во тандем со Џони Деп на екранот, за оваа прекрасна романтична сторија, Бинош стана прв двоен носител на Европската филмска награда за најдобра актерка. „Европскиот Оскар“ првпат го освои уште во 1991 година со „Љубовниците на мостот“ на Леос Каракс. Освен по својата исклучителна харизма и креативна супериорност, позната е дека снима филмови со автори од различни меридијани, како Јапонецот Нобухиро Сува (Плоштад победа), Аргентинецот Сантијаго Амигорена (Неколку денови во септември), тајванскиот режисер Ху Хсиао-Хсиен (Летот на црвениот балон), сите во рамки на 2006-7, потоа Норвежанецот Ерик Поп (Илјадапати добра ноќ, 2013) и Полјачката Малгоржата Шумовска (Ел, 2010), со која следнава година ќе снима втор филм. Глуми и во два филма на еден од најголемите европски режисери, Михаел Ханеке, Код непознат (2000) и Скриено (2005), кој весникот „Тајмс“ го смести меѓу најдобрите во првата деценија на 20. век.

Бинош е родена во Париз на 4 март 1964, како ќерка на скулптурот и режисер Жан-Мари Бинош, и на актерката Моник Ивет Стален. Сестрата на Жулиет се вика Марион и е фотографка. Живее во предградие на Париз со двете деца. Рафаел (20) кој е син на професионалниот нуркач Андре Ал, и ќерката Хана (14), чиј татко е актерот Беноа Межимел. Покрај тоа што излегувала со имиња како Даниел Деј-Лус, Оливие Мартинес, Сантијаго Амигорена, никогаш не стапила во брак

35-тото издание на „Браќа Манаки“ ќе се одржи од 13 до 19 септември. Добитник на специјалната награда „Златна камера 300“ за особен придонес во светската филмска уметност е Лука Бигаци, а добитник на наградата за животно дело „Златна камера 300“, Англичанецот Крис Менџис.

Два македонски филма ќе ги имаат своите премиери, „До балчак“ на Столе Попов и „Децата на сонцето“ на Антонио Митриќески.