Зијадин Села и неговата Алијанса за Албанците станаа политички „износен чевел“

Партијата Алијанса за Албанците повеќе не е дел од владејачката коалиција. Оваа политичка партија ќе остане во владината коалиција се’ до изгласувањето на Предлог-законот за употреба на јазиците, изјави нејзиниот лидер, Зијадин Села.

Првиот човек на Алијанса за Албанците и неговиот партиски колега, Сурија Рушити, вчера дојдоа на седницата за избор на членови на Владата, но откако не беа прифатени нивните предлози за менување на дневниот ред при гласањето за нов министер за здравство, тие ја напуштија седницата.

Села во изјава за медиумите на паузата на седницата рече дека тие двајцата гласале за дневниот ред на оваа, 27. седница, на Собранието,  затоа што како точки се предлозите на Законот за јазиците, Законот за амнестија и некои други закони од интерес на граѓаните.

Тој изрази надеж дека ќе биде донесен законот за јазиците.

Од тој момент Алијансата за Албанците престанува да биде дел од ова владеење кое се нарекува реформска Влада. Од ден на ден ние се уверуваме, а и граѓаните исто така, дека оваа влада станува „машина за перење“ на гревовите и на криминалите на  корумпираните политичари кои се дел од власта, рече Села.

Села уште еднаш повтори дека не го прифаќа понуденото вицепремиерско место за реформи. Тој на прашањето како го коментира назначувањето на новиот министер за здравство порача дека премиерот Зоран Заев лаже дека се работи само за пополнување на испразнето место во Владата, туку се работи за нејзино реконструирање.

Села додаде дека сите функционерски места кои ги имала Алијанса за Албанците, им ги подарува на Али Ахмети и на ДУИ.

https://youtu.be/XRvvM781JuQ

Арбен Таравари, доскорешниот министер за здравство од редовите на Алијанса за Албанците, вчеравечер во своето гостување во „Ноќно студио“ на ТВ Телма, рече дека неговата партија ќе остане конструктивна и по излегувањето од Владата ќе гласа за сите закони кои се важни за интеграциите на државата во Европската унија и НАТО, за општеството и за граѓаните.

По најава на лидерот на неговата партија дека остануваат во владината коалиција до донесување на законот за употреба на јазиците, Таравари рече дека во Владата влегле со кренати глави и оти сакаат да излезат повторно горди.

Животот продолжува, таква е политиката. Одиме во опозиција и со најголема гордост ќе продолжиме да бидеме позитивни опозиционери за општеството, рече Таравари и додаде дека нивните двајца пратеници ќе гласаат за законите што се за доброто на граѓаните и државата и оти ќе ги критикуваат сите слабости и недостаоци на Владата.

Таравари не прецизираше дали би коалицирале со БЕСА, а не исклучува и можност за соработка со ВМРО-ДПМНЕ, ако, како што рече, „успеат да се повлечат од груевизмот и да почнат да се однесуваат реформски“.

Ние сме отворени за комуникации и со СДСМ, и со ДУИ, и со БЕСА,  и со ВМРО…, со сите партии, рече Таравари.

Понуденото вицепремиерско место за реформи во Владата, според Таравари, е нешто непостоечко и на предлог на лидерот на ДУИ Али Ахмети, а со цел, како што рече, да бидат понижени и да одбијат да бидат во Владата.

Алијанса за Албанците стана дел од владејачката коалиција, предводена од СДСМ, заедно со ДУИ, но по локалните избори во Македонија во октомври, годинава, почна жестока вербална јавна пресметка меѓу нејзиниот лидер Зијадин Села и Али Ахмети.

Минстерското место во здравство, по локалните избори, остана празно бидејќи Арбен Таравари стана градоначалник на Гостивар. Сега на оваа функција СДСМ назначи министер, а на Алијанса и беше понудено вицепремиерско место.

Зоран Заев во однос на ова рече дека претходно Алијанса за Албанците го добила министерството за здравство поради кадарот Арбен Таравари, а сега, според него, како млада партија доволно и е вицепремиерско место.

Алијанса за Албанците беше дел од потпишувањето на т.н. Тиранска платформа, заедно со ДУИ и со БЕСА, а кое се случи во Тирана, под покровителство на албанскиот премиер Еди Рама.