Свет

Зимска бура го погоди југозападниот дел на САД

Зимска бура го погоди југозападниот дел на САД

Зимска бура го погоди југозападниот дел на САД, а во делови од Калифорнија паѓаше снег, пренесува МИА.

Во Сиера Невада снегот почна да паѓа во петокот вечерта, а скијачките центри известија за снежна покривка од 30 до 46 сантимери на планините, изјави Џим Метјуз, метеоролог при Националната метеоролошка служба во Сакраменто.

Во ски центарот „Шугар боул“ до саботата попладне висината на снежната покривка се зголеми на 61 сантиметар.

До утре би можело да паднат до 30 сантиметри снег, по периодот на суво време поради кое некои скијачки центри ја разгледуваа можноста да бидат затворени.

Бурата исто така донесе спорадични дождови во централните и јужните делови на Калифорнија.

Во меѓувреме централниот и северниот дел на Ново Мексико во петокот и саботата забележа рекордни врнежни од снег, а нови се очекуваат и денеска. На Средниот Запад, во државите Мисури, Илиноис, Индијана и Канзас забележана е мешавина од леден дожд и снег.

Бранот на арктички воздух доведе до рекордно ниски температури во Ајова. Во Мејсон Сити забележани се минус 18 степени во петокот, со што е соборен рекордот од пред 115 години од минус 12 степени.

Во другите делови на земјата многу летови се откажани поради мраз на пистите. Во Тексас поради ледениот дожд втор ден се откажани илјада летови од меѓународниот аеродром во Далас.

Во Колорадо метеоролозите предвидуваат дека зимската бура во централните и јужните делови на државата би можела утре да донесе снежна покривка од 1,2 метри.

фото: AP