Жителите на Карибите ја обвинуваат Британија за бавно реагирање на ураганот Ирма

Локалното население и Британците кои живеат на островите кои се британски прекуморски територии, ја обвинуваат владата во Лондон за бавно и несоодветно реагирање на ураганот Ирма.

Ураганот, кој е најсилен досега во реонот на Атлатикот, предизика тешки оштетувања и вистински пустош во некои делови од карипските острови, поради што, според првичните проценки, ќе бидат потребни многу години и пари за да се обнови сето она што е уништено од силните ветрови и обилните врнежи.

Најтешко се погодени Британските Девствени Острови, како и островите Ангвиља, Туркс и Кејкос.

На островите се прекинати сите комуникации, оштетени се најголемиот дел од патиштата, луѓето се оставени без покрив над главата и засолниште, нема ниту струја, ни вода, а потрошени се и резервите од гориво и храна.

Ситуацијата во која се наоѓа локалното население и луѓето кои таму живеат, според лондонсите медиуми, се на работ да предизвикаат немири.

Проблемите се усложнуваат и со појавата на грабежи од делумно разурнатите или тешко оштетените куќи од кои се краде покуќнината, опремата што била вградена и храната што останала.

Британци, кои живеат на архипелагот на Британските Девствени Острови, изјавиле за неделникот „Обзервер“ дека британската интервенција на катастрофата и помошта што е дадена била „речиси невидлива“.

На овие острови се регистрирани петмина загинати.

Со осуда за Владата на премиерката Тереза Меј се огласија и повеќемина британски пратеници од сите партии, кои обвинуваат за нееднаков треман кон прекуморските територии.

Во критиките до Владата се вели дека доколку она што се случи на Карибите, беше на Фокландите или во реонот на Гибралтар, во Лондон ќе беше прогласена „национална трагедија“.

Даунинг стрит 10 ги отфрла критиките, а Министерството за меѓународна помош соопшти дека досега се одделени 32 милини фунта за настраданите подрачја.

Министерот за одбрана Мајкл Фалон изјави дека во регионот се префрлени 900 припадници на маринците и инженерци.

Маринците треба да им помигнат на локалните власти во осигурување на безбедноста на островите, а војниците-инженерци во обновата на комуникациите и подигнување засолништа за бездомното население.

Весниците во Лондон, сепак, пишуваат дека сето тоа е премалку и задоцнето, во споредба со брзата интервенција на САД, Франција и Холандија во нивните прекуморски територии во карибскиот регион.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.