„Златен прстен“ за Раде Сиљан и Аднан Озер

Меѓународната награда „Златен прстен“ за книжевен творечки опус што ја доделуваат Издавачката куќа „Феникс“ и Фондацијата за културна и научна афирмација и презентација „Македонија Презент“ од Скопје, оваа година ја понесоа писателите Раде Силјан  и  Аднан Озер (Турција).

Раде Силјан е роден во 1950 година (Жван, Демирхисарско). Тој е истакнат македонски поет, есеист, критичар и преведувач. Автор е на книгите: Третиот лик на времето (поезија, 1975), Сенки на јавето (1980), Гласник (1989), Заѕидување на сенката (1990), Осамен поглед (1996), Пресликано време (1999), Гласот на предците (2001), Горчлив вилает (2006), Сенки на татковината (2007), и други. Добитник е на наградите: Кочо Рацин, Браќа Миладиновци, Ацо Шопов, Димитар Митрев, 11 Октомври, Михај Еминеску и други. Негови книги се преведени на: англиски, руски, турски, грчки, италијански, бугарски, српски, украински, полски, латински, романски, црногорски, влашки, словенечки, бошњачки и албански јазик.

Аднан Озер е роден во 1957 година во Газиоглу ( Текирдаг, Турција). Тој е истакнат турски поет, новинар и уредник. Автор е на книгите: Огнена флејта (1981), Смртта на ѕвонецот (1983), Мапа на времето (1991), Избрани песни (1994), Збогум поезијо (1998) и други. Добитник е на голем број национални и меѓународни награди и признанија. Во 1980 година тој е награден со наградата на Академијата за убави уметности. На турски јазик има преведено повеќе значајни светски автори и дела, меѓу кои и на: Валехо, Лорка, Мачадо, Неруда, Паз… Метафората и сетилноста се суштински белези на неговите стихови, а тие се карактеристични и за големата турска поезија. Неговите песни се препеани на: англиски, германски, македонски, романски, шпански и други јазици и објавени како посебни книги во тие држави.

Наградата ќе биде врачена на претстојниот Меѓународен саем на книгата, кој ќе се одржи од 5 до 11 мај во Скопје.