Балкан

„Златна зора“ сака да формира нова партија

„Златна зора“ сака да формира нова партија

Грчката десничарска партија „Златна зора“ поднесе до Врховниот суд на земјата декларација за формирање на нова партија под името „Национална зора“. Поднесен бил исто и Статутот на новата формација, соопштуваат грчките медиуми.

Декларацијата била потпишана од пратеникот на „Златна зора“, Михалис Јанонгонас.

Минатата сабота пратеникот од партијата Илиас Касидиарис ого објави во Атина формирањето на новата партија.

Врховниот суд на Грција се очекува да се произнесе по легитимитетот и статутот на новата партија.

Со создавањето на новата партија „Златна зора“ бара начин за учество на евроизборите во мај, откако спрема неа беа преземени казнени мерки.

Водачот и петмина нејзини пратеници се во притвор поради истрага дали организацијата е криминална, но и покрај тоа таа останува третата по популарност партија во Грција.

„Ќе учествуваме во изборите на еден или друг начин“, објави Касидиарис пред околу 3.000 приврзаници на „Златна зора“ во Атина.

Анкета неодамна покажа дека партијата, би добила меѓу 8,9 и 10,3 отсто од гласовите ако сега бидат спроведени избори.

Касидиарис, кој планира да се кандидира за градоначалник на Атина на локалните избори, кои се исто така во мај, објави дека новата партија под името „Национална зора“ може да ја замени „Златна зора“, ако на партијата не и се дозволи да учествува во евроизборите.