Златни француски правила за воспитување на децата

Мајките во Франција не бдеат над децата на игралиште ниту пак ги чуваат под стаклено ѕвоно до 18 години.

Откако американската авторка Памела Друкерман посвети цела книга на позитивните страни на француското родителство, целиот свет говори дека има нешто посебно ефективно во нивните воспитни методи.

Еве што прават тие поинаку, па нивните деца немаат напади на бес, воспитано јадат од мали, а мајките не глумат полицајци. Нивното родителство е поопуштено (за мајките и татковците) и насочено кон семејството, а не на детето. Еве до што се придржуваат тие:

Одлучно

Цврстото, но смирено и јасно „Не“ е една од централните работи кај родителите Французи. Тие го користат кога и да е потребно, го изговараат љубезно но важно е дека за нивното „Не“ понатаму не се расправа. Нема никакво викање, без и други објаснувања. Се знае кој е главен.

Децата треба да бидат способни сами да се забавуваат

Под ова се мисли на важноста на детската способност сами да си играат и родителите да не треба да паѓаат на нос за на децата никогаш да не им биде здодевно. Кога родителите имаат работа, децата треба да бидат мирни сами со себе без никакви проблеми.

Важно е возрасните да имаат време за себе

Французите веруваат дека тоа што некој ќе стане родител не значи дека неговиот живот треба да заврши. Тие уживаат во семејството и времето што го поминуваат заедно, но одвојуваат време и само за себе си, за партрнерот или за друштвото. Тие веруваат дека така ги учат децата да ги почитуваат сите членови во семејството, а не да мислат дека целиот свет се врти само околу нив.

Децата мора да се научат на независност

Мајките Французинки не бдеат над децата на игралиштето ниту пак ги држат под стаклено ѕвоно до 18 години. Во Франција ќе видите деца што сами одат до продавница, се шетаат од училиште до дома и крстарат по улиците на нивните тротинети, дури и во големите градови како што е Париз. Уште од осум или девет години децата добиваат голем број прилики да ја развијат нивната самостојност и тоа многу повеќе отколку во голем број други западни земји. А додека децата сеуште се многу мали, во парковите ќе видите мајки како седат на клупите и разговараат опуштено меѓусебе или пак читаат. Тие не го следат секој чекор на детето и не ги држат додека се спуштаат по тобоган или слично, без разлика на тоа дали се слуша смеење или плач.

Трпението и мирот се задолжителни

Кај Французите е мошне важно децата да ги научат дека неможат да добијат се веднаш и сега. Родителите така ги учат децата да чекаат во ред, да се воздржуваат и да не ги прекинуваат возрасните во разговорот како и да го почитуваат распоредот на оброците. Како резултат на ова има мир за време на оброкот, а им се овозможува на децата нормално да јадат и надвор од домот.

Семејните оброци се свети

Општо познато е дека француската кујна е најдобра во светото. Тие обожаваат да јадат. Заедничките семејни оброци се камен темелник на францускиот семеен живот, особено за викендот кога сите останати обврски се организираат во однос на прецизно распоредените оброци.

Децата го јадат истото што го јадат и возрасните

Кога веќе говориме за оброците, важно е да се напомене дека во Франција не постојат посебни оброци за децата. Тие го јадат она што го јадат и возрасните. Тие така уште од мали нозе се запознаваат со зачинетото пире од компири, месото со разни сосови и слично. Нормално е да отидете во ресторан и на менито да го најдете она што ќе го јадат и децата.

Викендот е време за семејството

Додека во поголемиот број земји токму викендите се исполнети со секакви обврски за децата, во Франција викендот и понатаму е наменет само за семејството. Тоа е време кога сите заедно седнуваат да ручаат, заедно одат на концерти, во музеи или на село во посета на бабите и дедовците. Тоа се денови кога едните на другите се приоритет.

Не ги оптоварувајте децата

Французите не ги оптоваруваат децата со вон-наставни активности не поминуваат време додека ги превезуваат од едно место на друго. Тие сакаат да имаат повеќе време за себе си и сметаат дека не е во ред членовите на семејството да неможат да најдат време еден за друг.

Целта е да се најде добар баланс во родителството

Убавината на ваквото родителство е во тоа што секогаш сте тука, а не претерувате. Семејството ви е приоритет, но имате време и за вашиот социјален живот. Тоа всушност е ултимативната цел на секој родител – совршен баланс.