Златото на Соња им припадна на штедачите на ТАТ

По 17 години неизвесност, донесена е конечна судска одлука, со која златото пронајдено во домот на сопственичката на најголемата пирамидална штедилница ТАТ останува во стечајната маса и нема да ѝ се врати на Соња Николовска, пренесува „Нова Македонија“.

Златото и златниот накит за кои сопственичката на штедилницата ТАТ, Соња Николовска, тврдеше дека се нејзино семејно наследство, а кое по банкротирањето на штедилницата ТАТ беше одземено од домот на нејзиниот покоен сопруг Стерјо Николовски, им припаѓа на штедачите и е дел од стечајната маса на штедилницата ТАТ, која е во стечај.

Вака пресече Врховниот суд, кој деновиве ја отфрли ревизијата на децата на Соња Николовска, сопственичка на ТАТ, Александра, Марија и Томе, кои ја тужеа Македонија за одземеното злато, кое, според нив, било приватна сопственост на нивниот покоен татко Стерјо.

Со ваквата пресуда на Врховниот суд конечно му се стави точка на случајот со одземеното злато и златен накит, кое полицијата го одзеде од сопругот на сопственичката на ТАТ Стерјо Николовски, по банкротирањето на штедилницата ТАТ, во март 1997 година.

По одземањето на златото и златниот накит од полицијата, најпрво сопругот на Соња Николовска, Стерјо, а подоцна неговите три деца поведоа судски спор во Основниот суд во Битола со кој бараа златото и златниот накит да им бидат вратени, бидејќи се нивна лична сопственост.

Откако Основниот суд во Битола ја отфрли тужбата на семејството на Соња Николовска и пресуди дека златото и златниот накит претставуваат дел од стечајната маса за обесштетување на штедачите, на ваквата пресуда на Основниот суд тие поднесоа жалба до Апелацискиот суд во Битола.

Решавајќи по жалбата, Апелацискиот суд ја потврди пресудата на Основниот суд и пресече дека златото и златниот накит им припаѓаат на штедачите. Во текот на судскиот процес се потврди дека од станот на сопругот на Соња Николовска, при претрес, од полицијата биле одземени златни предмети и дел девизи.

По одземањето на златниот накит, Стерјо Николовски поднел тужба до Основниот суд во Битола за одземениот златен накит да му биде вратен, бидејќи против него била запрена кривичната постапка што се водела и тој бил ослободен од кривичното дело што му се ставаше на товар за даночно затајување и продолжено кривично дело фалсификување или уништување деловни книги. Откако во меѓувреме сопругот на Соња Николовска, Стерјо Николовски, во 2009 година почина, судскиот спор за враќање на одземеното злато го продолжија Соња и нејзините деца Марија, Александар и Томе, кои се сметаа за правни наследници по смртта на нивниот татко.

Во текот на судскиот процес беше утврдено дека златните предмети што се одземени со записник по банкротирањето на штедилницата од домот на семејството Николовски со решение на стечајниот совет на Основниот суд во Битола беа внесени во стечајната маса како новопронајден имот и решението било правосилно.

Сега, откако се исцрпени сите правни механизми, Соња Николовска и нејзините три деца не можат да си ги вратат златото и златниот накит и тоа останува дел од стечајната маса.

Според стечајниот управник на штедилницата ТАТ, Душко Јанкуловски, сега треба преку овластен проценител да се процени вредноста на златото и златниот накит (белезици, ѓердани, обетки, златници со ликовите на Тито и на Гоце Делчев), кои цели 17 години се чуваат во некој од трезорите во Народна банка, и да се впаричи за обесштетување на штедачите.

На тој начин заврши речиси деценискиот судски спор за враќање на одземеното злато. Засега никој не знае колку всушност изнесува вредноста на запленетото злато и златен накит од домот на Соња Николовска.

Неговото количество и вредност долго време беа предмет на шпекулации на штедачите. Додека едни тврдат дека според количеството на злато и накит што било запленето добар дел од штедачите ќе се обесштетат, многумина сметаат дека неговата вредност не е толку голема за некое поголемо обесштетување на штедачите.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.