Македонија

Змејкова: Поефикасна исплата за породилното боледување

Змејкова:  Поефикасна исплата за породилното боледување

Здравствениот систем континуирано се реформира во насока на подобрување, унапредување и одржување на здравјето на целото население, истакна Маја Парнарџиева Змејкова, директорка на ФЗО.

Претставувајќи дел од проектите предвидени во програмата на ВМРО-ДПМНЕ, таа спомена дека секој човек кој ќе дарува орган или коскена срцевина ќе биде доживотно слободен од плаќање на партиципација. Ќе има бесплатни медицински испитувања поврзани со трансплантацијата за оние лица кои сакаат да бидат потенцијални донори на орган или коскена срцевина, односно државата ќе им ги покрие и трошоците за партиципацијата. Овие мерки би требало да овозможат помал број на пациенти на дијализа и подобрување на квалитетот на животот на пациентот кој ќе биде трансплантиран.

„Планираме отварање на 5 регионални нефролошки пунктови, како и голема инвестиција во опрема, инфраструктура и кадар со цел да ја развиеме во Македонија и трансплантацијата на коскена срцевина од несроден дарител на Клиниката за хематологија и Институтите за Трансфузија и за Имунологија.

Третата смена во дијализните центри ќе им стои на рапослагање на работоспособните пациенти“, вели Змејкова.

Таа посочи и реформи за поефикасна исплата на породилните надоместоци и боледувањата.

„Иако фондот во изминатиот период успеа, како никогаш досега навремено и редовно да ги исплатува боледувањата или породилните надоместоци, сепак тие се исплатуваат согласно закон откога фирмата во која работат исплатила плата (значи повторно има разлика во времето на прием на плата и надоместокот од Фондот). За таа цел, одиме чекор понапред со новиот проект, по примерот на Словенија, со кој ќе се исплатат надоместоците за боледувања и породилните отсуства преку фирмите во исто време со платите на вработените во фирмата, додека ФЗО ќе го компензира трошокот на работодавачот. Проектот ќе се одвива на следниот начин, фирмата му го исплаќа надоместокот на вработениот, а Фондот на фирмата. Со овој проект ќе се обезбеди континуитет во приливот на средства на граѓаните во услови кога им се најпотребни во ист датум како и платата на нивните колеги“, вели Змејкова.