Значително скратување на царинските постапки

Реформи за олеснети и забрзани царински постапки, борба со недозволената трговија, организираниот криминал и перењето пари се дел од активностите што Царинската управа на Република Македонија ги спроведуваше во текот на изминатата година, пренесува МИА.

Директорката на Царинската управа Наташа Радеска – Крстевска денеска по повод одбележувањето на Денот на Царината се осврна на сето она што е направено во изминатата година.

– Нашите статистики покажуваат дека навистина се скратени царинските постапки. Со воведувањето на Националниот транзит во електронска форма минатата година за 20 проценти е скратено времето на транзитната постапка. Ако на почетокот на годината траеше 60 минути, веќе во третиот квартал траеше 42 минути. Значи има многу показатели коишто можат да докажат дека работиме на забрзување и олеснување на постапките, истакна Радеска-Крстевска.

Минатата година Царинската управа бележи позитивни резултати и во финансиското работење, односно наплатени се една милијарда 181 милиони денари повеќе од претходната година или за 1,9 проценти се поголеми наплатените приходи.

На свеченоста што беше организирана по повод 14 Април беа врачени и плакети и признанија за успешна соработка со институциите.