ЗНМ го осуди вербалниот напад на лидерот на Достоинство врз уредникот на Нетпрес

Здружението на новинарите на Македонија,  преку писмено соопштение упатено до јавноста денеска ги осуди сите вербални закани и навреди врз новинари, што во последните денови беа упатени од претставници на политички партии.

„ЗНМ смета дека вербалните закани на лидерот на Достоинство, Стојанчо Ангелов, врз уредникот на Нетпрес,  Дејан Николовски, претставуваат напад врз новинарите и слободата на медиумите. Заканите за физичка пресметка со новинари и нивното омаловажување се неприфатливи. Ако некој е незадоволен од начинот на известување на новинар,  треба да поднесат претставка во Советот на честа на ЗНМ или Советот на етика во медиумите кои ќе утврдат евентуални прекршувања на Етичкиот кодекс на новинарите“ , велат од ЗНМ.

Од Здружението нагласуваат дека  ако граѓаните се сомневаат дека им се загрозени правата од некој медиум имаат законско право да побараат објавување на демант или исправка. Во краен случај, тие можат да покренат и судска постапка за да ја заштитат нивната чест и углед.

Од ЗНМ ги повикаа новинарите да го почитуваат Етичкиот кодекс на новинарите.