ЗНМ: Пресудата на ЕСЧП е црвен картон за македонските институции

Интегрален текст од соопштението на ЗНМ:

Вчерашната одлука на Европскиот суд за човекови права е голем ден за слободна, демократска и европска Македонија. Црно на бело, имаме потврда од Европски суд дека во Македонија се прекршува правото на слобода на изразување. Тоа повеќе не е прашање на перцепција, како што милуваат да кажат претставниците на досегашната власт, туку е ноторен факт утврден од релевантен европски суд.

Одлуката на Стразбур, кој е прва од овој вид во Македонија, претставува голем успех и за Здружението на новинарите, која силно застана во одбрана на слободата на изразувањето, без кое нема професионални медиуми и воопшто демократија. Ова е најдобра потврда дека нашата мисија е остварена. Успеавме со факти да покажеме пред македонската и европската јавност дека во Македонија има сериозни прекршувања на слободата на изразувањето.

Пресудата, која е е усвоена едногласно од судиите, праќа силна порака и до новинарите. Стремежот за слобода секогаш победува. Правдата доцни, но е достижна. Истовременo тоа е порака за единство и солидарност.

Верувам дека институциите во Македонија ќе извлечат поука и во иднина нема да ги попречуваат новинарите во нивната работа. Тие мора да сфатат дека во демократско општество институциите имаат обврска да создаваат поповолни услови за непречена работа на новинарите.

Пресудата не соочи со една горка вистина дека во Македонија нема демократски институции кои можат да ги заштитат граѓанските слободи кога тие ќе бидат прекршени од власта.

Одлуката е црвен картон за грешките на Собранието и Уставниот суд, институции кои треба да бидат гаранти за заштита и промоција на човековите права. Да не се заборави одговорноста на полицијата која послужи како инструмент за кршење на човековите права. Како ЗНМ сакавме оваа прашање да го решиме во рамките на нашите институции. Ги искористивме сите домашни правни процедури да дојдеме до правда, но дрско бевме игнорирани и отфрлени.

Баравме оставка од спикерот Трајко Вељаноски заради наредбата да се исфрлат новинарите од галеријата, но тој не покажа политичка зрелост и одговорност.

Инсистиравме полицијата да ги казни нејзините припадници за насилното исфрлање на новинарите од галеријата, но за жал немаа сила да се оградат од силеџии.

Поодговорен однос во случајот немаше ниту Уставниот суд, како најодговорна институција која треба да ги заштити правата и слободите на граѓаните. Судот ја пропушти историската шанса да утврди едно очигледно прекршување на слободата на изразувањето. Сега време е за соочување со одговорноста. Ако малку останало човечки и професионален интегритет и кредибилитет кај уставните судии, веднаш би поднеле оставка.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.