ЗНМ со двојни стандарди, кога е СДСМ во прашање нема никаква реакција

И по четири дена, Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) не излезе со никаква осуда и реакција за линчот на новинарката на 24 Вести, Душица Мрѓа од страна на високи партиски фунционери на СДСМ после интервјуто кое го направи со генералниот секретар на партијата, Оливер Спасовски, објавува Курир.

Двојните стандарди на Здружението на новинари на Македонија по којзнае кој пат повторно излегоа на површина. Кога Социјалдемократскиот сојуз е во прашање, еснафското здружение на новинари и првиот човек Насер Селмани немаат никаква реакција. Новинари жестоко се навредуваат од страна на високи фунционери од најголемата опозициска партија, но наместо осуда, молк од ЗНМ.

Партијата која секојдневно говори за слобода на медиуми јавно навредува и линчува новинари, само затоа што не работат и не размислуваат како што тие мислат дека треба. Јавниот линч кон новинарката од 24 Вести започна по објавата на интервјуто од страна на Лидија Димова, претседател на Советот за ЕУ интеграции на СДСМ, која иронично ја нарече Новиот стратег на СДСМ – Душица Мрѓа и ја стави под прашање професионалноста на интервјуто.

По оваа објава следеа лавина коментари со навредлива содржина од страна на други членови на СДСМ, кои беа незадоволни од интервјуто на Спасовски. На негативните коментари се придодаде и Никола Наумовски, братучедот на Радмила Шекеринска, познат по активностите во здружението Плоштад Слобода, кој новинарката Мрѓа ја нарече арогантна и малициозна.

Најжолчна во навредите на новинарката Мрѓа беше Каролина Ристова Астеруд од СДСМ која напиша: “Во шок сум! Посрамно и понепрофесионално однесување на новинар(ка) во политичко интервју не сум видела досега кај нас! Каков говор на телото, какви гримаси, каков простачки и безобразен однос, ма дури и нескриена злоба и зајадливост од најпримитивен тип! Мачно и просто навредливо да се гледа“. Подолу во коментарот Астеруд вели “после ова срамно интервју мислам дека никој од опозицијата,или било кој што држи до одредени професионални стандарди во новинарството, не треба да и прифаќа да и гостува! Грозно!“.

Овој случај е еден од најеклатантните примери на јавен линч кој СДСМ го спроведува врз новинарите, иако во јавноста вели дека се залага за слобода на медиумите. Наместо ЗНМ излезе со реакција и да ги осуди ваквите напади, од еснафското здружение целосен молк.

ЗНМ и Насер Селмани вече четврти ден молчат за атаците и јавниот линч кој партиски функционери на СДСМ го вршат врз новинарката Мрѓа. ЗНМ во многу наврати досега пропушташе прилика да ги одбрани новинарите од атаци кои доаѓаат од опозициската СДСМ, па дури и кога се работеше за директни навреди етикетирања и закани со тужби. Двојните аршини на здружението се повеќе од очигледни.

Првиот човек на ЗНМ, Насер Селмани, последниот период постојано се појавува во медиумите, како што беа неговите интервјуа за Радио Слободна Европа, Инбокс 7 и последното за Ал Џазира Балканс, меѓутоа ниту еднаш не ги осуди ваквите напади кои претставуваат директен линч од страна на високи функционери на опозицијата. Наместо тоа, Селмани повторно говори со политички пораки, ставајќи ги во џеб професионалните и етички стандарди.