Македонија во жолта фаза, бесплатни прегледи и прeпораки

Македонија денеска влегува во жолта фаза поради што се очекуваат температури до 40-тиот степен и висок УВ индекс 9. Ваквото време, според прогнозата на Управата за хидрометеролошки работи, ќе продолжи и во следните денови.

Поради топлиот бран кој ја зафати државата, Министерството за здравство препорачува да се избегнува физичка активност од 11 до 17 часот, да не се излегува на сонце и да се употребува лесна храна и многу течности. Граѓаните треба да носат лесна облека, а постарите лица редовно да ја земаат својата терапија. Доколку пак се излегува на сонце, да се одмора под сенка или во некоја климатизирана просторија и со себе да се носи вода, пренесува МИА.

Во соработка со здравствените домови и со Црвениот крст ќе бидат поставени во 33 градови пунктови за бесплатни превентивни прегледи кои ќе се вршат секој ден од 18:30 до 21:30 часот. Ќе се мери крвен притисок и ќе се даваат совети за превенција од топлото време, но и за здрав начин на живот.

Во главниот град, Црвениот крст ќе дели флаширана вода и ќе им помага на беспомошните граѓани и на бездомниците.

Од Министерството за здравство предупредуваат дека поради високите температури можна е појава на разни заболувања поради што мора да се внимава на личната хигиена, добро да се мие овошјето и зеленчукот и да се одбегнува лесно расипливата храна…

Целта на пунктовите е превентивно да се делува, но и да се подигне личната свест и за самозаштита на граѓаните при високите температури.

Во изминатите три години на овие пунктови вкупно 34.952 граѓани се прегледани, од кои кај 25.561 е измерен крвен притисок и 1.361 граѓанин се упатени кај нивните матични лекари, додека 58 се детектирани како итни случаи.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.