Зомбите на Заев, Бранко и Сорос

ЕУ ни испрати порака во која нѐ предупредува дека била загрижена. Кој бе? Кого во Брисел го заболе уво за Македонија во изминативе 25 години, кога се потепаа сиве години како да нѐ доведат дотука? Што со одлуки, што со гангстерски и подземни дејства, што со гнасна пропаганда, блокади, шиканирања, оспорувања и навреди. На првиот револуционерен ден на зомбите на Бранко, Заев и Сорос лично се уверив како гледа на Македонија персоналот на т.н. амбасада на ЕУ во Македонија.

Tемелено на искуството, мудрите заклучиле дека за да можеш да си ја испланираш иднината, мора да го познаваш минатото. Торнтон Вајлдер уште ќе додаде дека човекот живее додека е жив во сеќавањето на луѓето. Штом ги заборавиш ваквите совети, резултатот го гледаш во сегашноста во која си. На пример како почетокот на нашата зомби-револуција во изведба на СДСМ, Сорос, во организација на КАНВАС, а со сесрдна поддршка на добро познати спонзори на „револуции“ и преврати.

Оние што натрчуваат со бекатон-плочки, прачки и други орудија не се револуционери. Напросто се статисти ангажирани за дневница. Во нашиов случај таквите се жртви на магиски вуду-ритуал, па може да ги наречете зомби. Се будат на повик. Дејствуваат на стимул. Реагираат на мирис на крв. Мотото е познато: Ќе јадеме живи луѓе!

Значи почна. Нашиот „Мајдан“, кој го сонуваше Бранко Геровски, ете го по толку неуспешни обиди. Му фалат само уште наивни Украинци. Дури и да заврши „само“ со каменувањето на 38-те полицајци што „тактичарите“ на МВР ладнокрвно и пресметано ги истопорија пред напалените на крв зомби-глутници, јас ќе констатирам дека „револуцијата“ им беше успешна. Се разбира не поради тоа што ќе ја паднат Владата или ќе успеат со преврат да се доберат до власт и доволни количества крв и човечко месо што како светла перспектива ни го вети Сашо Ордановски, туку зашто ни приредија незаборавен ден на срамот во пресрет на годишнината на победата над фашизмот, 9 мај. За бојата ич не мислам. Зифт црна ќе биде засекогаш.

Разликата помеѓу зомби и човек е суштинска. Човекот помни и преку помнењето и спомените го одржува идентитетот. Зомбито не. Тој навидум живее преку порив да убие. Суштината на фашизмот е во тоа. А се стркала низ општината Центар. Плански и без ум. Колку што можев да разберам од зомби-изјавите (а бе, бог да чува кога мораме да бараме изјави од мртовци) на „револуционерите“, тие ја нападнале крвнички полицијата поради убиениот Мартин Нешковски. Претпоставувам дека како вистински трендсетери си помислиле дека ако ги следат протестите во Фергусон и во Балтимор, ќе им бидат уште помили и подраги на своите модни спонзори. А тоа се токму оние што им даваат команда на државните полицајци и војска да кршат и маваат, па и да убиваат секој што ќе ги погледне накриво. Особено ако се малку црни. Затоа и велам дека центарските помодари се чистокрвни зомби. Оти тие се ариевци и се борат за правото припадниците на подвидот луѓе со влакна во носот и валкани нозе да ги сместат во конц-логори и да ги варат за сапун. Не оти им е гајле за Мартин или кој било друг што умрел неправедно, а по нечија вина. Тие немаат ни сеќавање ни чувства. На пример, ич не им чуе за четирите деца што беа масакрирани кај Смиљковско Езеро. Тие не се повод за ништо. Напротив, обратно е, ќе ги прогласат за жртви убијците. Поим немаат ни кои се полицајците што беа живи клани и запалени кај Вејце во мај 2001 година. Тие, пак, не се ни вредни за помен и респект. Ни кои се дванаесеттемина киднапирани, ни оние кренати во воздух кај Карпалак или Љуботен… На она дете-матурант во Тетово што умре додека тренираше кошарка од куршум на еден таков нивен зомби-побратим по идеологија никогаш не ни помислиле, а камоли да се сетат на сите оние што со живот ја одбранија слободата од фашизмот пред 70 години. Затоа им е лесно да си играат смрт и да вампиришат. Слушнав еден зомби-борец во Битола, кој со окљафтен сурат вели дека се кренал оти полицијата брутално ги тепала, па и самиот јадел ќотек. Само што тој не можеше како доказ да приложи ни модринка ни малото прсте, во лонгета макар. Негова, пак, зомби-колешка причина за гневот кон полицијата најде во тоа што таа недемократски им го ускратила демократското право да влезат во Владата (чудо не спомна и црвен килим). А таа да ти била нивна, оти пак тие биле избран народ. Е, кога на тие години ќе имаш такво знаење за држава, закони, демократија, општествено поведение, слободно во графата за пол пиши зомби. Што за ваков тип револуционер значи поимот држава се уверив лично кога истите оние што во првиот ден на борбата му се здадоа на државното знаме полни со гнев и омраза, па го испокинаа на фронцли, за веќе на вториот, пред Собранието што го обоија со јајца, да ја отпеат државната химна стоејќи и во револуционерна екстаза.

За гревота! Просто ти доаѓа да си кажеш: што знае зомби што е двесте кила, живот, слобода, држава, знаме или химна и да ги одминеш, мрморејќи „далеку било!“.

ЕУ ни испрати порака во која нѐ предупредува дека била загрижена. Кој бе? Кого во Брисел го заболе уво за Македонија во изминативе 25 години, кога се потепаа сиве години како да нѐ доведат дотука? Што со одлуки, што со гангстерски и подземни дејства, што со гнасна пропаганда, блокади, шиканирања, оспорувања и навреди. На првиот револуционерен ден на зомбите на Бранко, Заев и на Сорос лично се уверив како гледа на Македонија персоналот на т.н. амбасада на ЕУ во Македонија. Улицата на која живеам, Ленинова, беше полна со полициски возила и со полицајци. Кафулињата празни, а жителите вчудовидени од она што се случува излезени на тротоарите. Меѓу нив и возилото на амбасадата на ЕУ. Се паркирало за одблизу да ги следи дејствата на полицијата. Така со свои очи видовме и со свои уши слушавме што „мисли“ славната ЕУ за центарската револуција. Од возилото буквално на четири нозе излегоа мртви пијани трупла. Оние што треба да набљудуваат и да пишуваат прва верзија на извештајот за македонцките работи. Крај нив беше и преведувачката. Службениците на европската амбасада цело време се кљафтеа, фрфљаа пијано, за на крајот да заседнат во кафуле и до раните часови, дури и откако полицијата си замина, да нѐ вознемируваат со смеење и галама на труп-пијани.
Го предупредувам амбасадорот Аиво Орав да внимава овој пат што ќе каже за револуционерниот обид за преврат, зашто овој пат има повеќе сведоци за поведението на неговите известувачи од терен што се подготвени до детали пред институциите и јавно да презентираат докази. Не оти не ни беше познато во детали работењето на Ерван Фуере, кој патеше од слична болест што се читаше од неговите извештаи до централата, ама сега веќе ептен ни боктиса. Ние од Ленинова го чекаме овој европски извештај со нетрпение, па ќе интервенираме со анекс. И во Скопје и во Брисел.

Почитувани, како што знаете, пред 70 години, на 9 мај, и официјално заврши Втората светска војна, во која се судрија фашизмот и антифашизмот. Историски факт беше погромот на шест милиони Евреи и уште милиони Роми, Словени и други „помалку вредни“ луѓе. Историски факт е дека беа поразени 43 држави што ја практикуваа фашистичката идеологија. Срамотно е дека најголемиот број од нив беа европски и уште посрамно е што Европа сака да ја заборави својата неславна историја. Победата над фашизмот на европска почва во најголема мера ја извојуваа Русија, Велика Британија, Југославија и Грција. Најголемиот долг на човештвото во оваа војна и за оваа победа го има кон СССР. Таа држава на олтарот на слободата положи 27 милиони човечки животи. За ваква жртва цел свет, а особено Европа, се должни секој 9 мај, до крајот на времето, да се поклонуваат во знак на благодарност.

Но Европа реши да се прави на чукната, па денот на победата го украде и го претставува лажно како ден на ЕУ. На симболот му ја одзеде суштината претворајќи го во празник на зомби-популација. Од неразбирливи за мене причини, Македонија неколку години по ред се придружува на тоа друштво и празнува нешто што не постои, а за сметка на тоа ја жртвува меморијата за најславната генерација што се впушти во борба со фашистичкиот вампиризам. Плус, Македонија, односно Југославија заедно со Русија е единствената држава што сама се ослободи и никому не му должи за својата слобода. Затоа 9 мај мора да биде само она што е изворно. Инаку по ништо не би се разликувале од овие денешни неофашистички манифестации на дневно политичарење, кое воведува санкции за меморијална прослава. Страв од казна по еден ваков повод е недозволив. Тоа е исто како на фашистот да сте му се покориле и доброволно сте му ја предале личната слобода, односно живот. По менталитет и свест денешниве Европејци очигледно се позагулени од Ахајците, кои и меѓусебни војни прекинувале во време на Олимписките игри.

Напросто мислам дека ние Македонците не смееме да си дозволиме да умрат спомените за генерацијата што ја испиша современата „Илијада“. Зашто така самите ќе си го смениме идентитетот.

Aвтор: Мирка Велиновска за НОВА МАКЕДОНИЈА