Зоната во Делчево ќе има осум градежни парцели

Со поставување камен-темелник денеска беше означен почетокот на изградбата на инфраструктурата на ТИРЗ Делчево со која ќе се заокружи изградбата на 14-те зони во Македонија.

Зоната ќе се гради на 20,83 хектари на кои ќе има осум градежни парцели организирани во четири блокови.

– Денешниот ден е од особено значење за делчевскиот регион. Пред една и пол година пред локалните избори токму тука јавно дадов ветување дека ќе се гради ТИРЗ. Многумина можеби мислеа дека е тоа само предизборно ветување, но денеска поставуваме камен-темелник на нова ТИРЗ „Делчево“, проект кој во наредните неколку години очекуваме да донесе нови фабрики на ова место и да отвори нови работни места за делчевци, рече премиерот Груевски кој го означи почетокот на градбата на зоната.

Како Влада, додаде, ќе инвестираме во изградба на внатрешната улична мрежа, довод на вода, струја и гас, посебна мрежа за улично осветлување, канализациска инфраструктура…, со еден збор се што е потребно за да ги убедиме инвеститорите тука да го инвестираат својот капитал.

– Верувам дека интересот ќе биде голем, особено заради огромниот природен потенцијал на овој регион, одличната местоположба на зоната во близина на регионалниот пат Делчево – Габрово, како и близината на Република Бугарија, рече премиерот Груевски.

Тој посочи дека Владата со сите свои тимови внатре и надвор од земјата и понатаму ќе продолжи активно и напорно да работи на подобрување на инвестициската клима, на промоции во други држави, на изградба на инфраструктура, се што е потребно за да привлече повеќе инвеститори и да отвори нови работни места.

– Сите знаеме дека најголемата болка на овој регион, но и на други региони низ државата е невработеноста. Во минатото Делчево имаше повеќе големи фабрики кои вработуваа многу луѓе, но, за жал, транзицијата и лошото владеење на претходните влади доведоа многу од нив да згаснат, а дел од нив да го скратат бројот на вработени. Таквото минато не можеме да го промениме, но затоа, пак, можеме да дадеме се од себе иднината да биде подобра, порача премиерот Груевски.

Тој нагласи дека како Влада прават се што е во нивна моќ да привлечат што е можно повеќе инвеститори во земјава и да им понудат што е можно подобри услови за да изградат нови фабрики во сите делови на Македонија и потсети на веќе реализираните странски капацитети во Битола, Кичево, Охрид, Струга, Прилеп, Тетово…

Директорот на Дирекцијата на ТИРЗ Виктор Мизо истакна дека 13 компании лани најавија отворање нови фабрики во ТИРЗ-овите. Некои од нив, како што кажа, веќе започнаа со градбата на новите фабрики, а за месец до месец и пол се очекува и другите да почнат.

Градоначалникот на Делчево Дарко Шехтански истакна дека ТИРЗ-ови во градовите во кои се отворени донесоа нови фабрики и нови работни места и додаде дека и на делчевчани им се потребни многу фабрики и нови работни места за да се задржат младите во градот