Зонското се шири и кон Кисела Вода?

Недостигот со места за паркирање е голем проблем на скопјани со години наназад. Лошото урбанистичко и сообраќајно планирање, изградбата нови станбени блокови без притоа да се запазат стандардите за обезбедување доволно паркинг места, придонесува граѓаните се’ повеќе да не ги почитуваат правилата за паркирање, па, доколку не е обележана зона, се паркираат возила каде што ќе стигнат.

Зонското паркирање засега е решение за овој проблем во Центар и во Аеродром, но се чини дека и локалните власти во Кисела Вода имаат намера овој проект да го спроведат и на нејзината територија. Во тек е анкетирање на жителите, чии резултати понатаму треба да послужат како иницијална водилка за евентуално зонско обележување на постојните паркиралишта.

Жителите на населбата Кисела Вода, се со поделено мислење за воведување на зонско паркирање. Според некои, локалната власт треба да спроведе други поприоритетни проекти, како што се решавање на инфраструктурни проблеми, изградба на нови паркиралишта, санирање на улици. За други, паркирањето во оваа стара населба станува навистина проблем и треба брзо да се реши. На местото на куќите, во последните години се изградија голем број станбени згради, тука е и новата населба „Расадник“, а поради недостигот на простор, нови паркиралишта има многу малку.

Сепак, за да се воведе во некоја општина зонско паркирање, првенствено е потребно иницијатива или согласност од жителите. Доколку граѓаните се изјаснат против оваа идеја, локалната власт тешко дека ќе може да го спроведе проектот, иако во инвестиционата програма на ЈП „Грдаски паркинг“, кој понатаму ќе стопанисува со паркиралиштата, веќе неколку пати се забележува дека претпријатието има намера зонското да го шири и во Кисела Вода, Карпош, Чаир, Ѓорче Патров, па и во Ченто.

„Се’ уште не е завршена анкетата што се спроведува во општина Кисела Вода околу можноста за воведување на зонското паркирање. Резултатите од ова испитување на мислењето на жителите на општина Кисела Вода ќе бидат клучни при носењето на одлуката за оваа можност. Ова е само едно од можните решенија на проблемот со недостиг од места за паркирање кој реално постои во општина со голем број на жители и голема површина, како што е општина Кисела Вода. Размислуваме за повеќе можности. На пример, изградба на нови јавни паркиралишта, користејќи го секој слободен простор што ни стои на располагање, а притоа тоа да не подразбира нарушување на зеленилото во општината. Сепак, треба да се има в предвид и специфичоста на општина Кисела Вода, како стара и густо проектирана општина во која не располагаме со многу слободен простор. Размислуваме и за изработка на сообраќајни проекти за сообраќаен режим во одредени делови од општината и слично, но не исклучуваме и носење на поинакво  решение кое би било комплетно во функција на граѓаните. Во секој случај, при секоја наша одлука ќе внимаваме волјата на граѓаните да биде испочитувана“, велат од општината Кисела Вода.

Зонското паркирање можеби делумно ги реши проблемите во Центар и Аеродром, но создаде друга непријатност. Аеродромци веќе и официјално реагираа зонското во сабота да функционира до 14 часот, бидејќи поради наплатувањето на паркингот, се јавува и друг проблем, имено, се’ помалку може да бидат во друштво со гости.

Ова нивно барање вчера беше актуелизирано на седница на Совет на Град Скопје. ЈП „Градски паркинг“, а наскоро ќе треба да се изјасни дали ќе им излезе во пресрет на граѓаните по ова нивно барање.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.