Зоолошката градина во Харков бара помош за животните кои умираат од глад

Управата на Зоолошката градина во Харков бара помош за да може да ги прехрани животните, наведувајќи дека животните не учествуваат во судирите во Украина  и дека без помош ќе угинат.

„Нашите животни не се борат за власт, не делат ничии политички ставови туку сакаат само да живеат,“ пишува на сајтот на Зоолошката градина во Харков кој е на североистокот, односно во прорускиот дел на Украина.

Украина последните месеци е погодена од најлошата политичка и безбедносна криза во својата историја и се наоѓа на раб на банкрот.

„Заедно со целата земја, нашата зоолошка градина се мачи да преживее во овие тешки и ужасни времиња,“ се наведува во соопштението на зоолошката градина која постои во вториот по големина град во Украина уште од 1890 година и преживеал две светски војни, Граѓанска војна и Октомвриска револуција.

„Без итни мерки, потполно невини животни ќе почнат да умираат следната недела,“ наведено е во апелот до локалното население кое е повикано или да ја посетува зоолошката градина и да купува влезници или да донира пари.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.