Зоран Талер призна дека зел поткуп, доби две ипол години викенд затвор

Поранешниот словенечки пратеник во Европскиот парламент и поранешен министер за надворешни работи, Зоран Талер, во Окружниот суд во Љубљана, призна дека примал поткуп и на основа на нагодба со Обвинителството е осуден на две ипол години таканаречен викенд затвор.

Алтернативен начин на издржување на затворска казна може да се примени на лица кои добиле затворска казна до три години, па така Талер „зад решетки“ ќе ги поминува деновите од викендот. Покрај тоа, тој е осуден и на 32.250 евра паричнa казнa и петгодишна забрана за извршување јавни функциии.

Поради сомневање дека пред три години во Европскиот парламент како застапник се согласил на примање мито, во замена за полагање амандмани на некои законски предлози, му се заканувала повеќегодишна затворска казна.

Во завршниот говор, Талер рекол дека жали поради сето она што е поврзано со таа афера во последните три години, по што се извинил, но и понатаму тврди дека аферата била инсценирана.

Во очекување на почетокот на издржување на казната, тој рекол дека без своја волја бил „вовлечен“ корупциската афера, која пред три години во Европскиот парламент ја откри „Сандеј тајмс“.

Новинарите на британскиот весник, лажно претставувајќи се како лобисти на големи фирми, на европарламентарците, а меѓу нив и словенечкиот пратеник, им ветувале пари за поднесување на амандмани на законски предлози.

Талер, судејќи според тајните снимки кои потоа ги објави „Сандеј тајмс“, се согласи на тоа, иако нема докази дека ги добил тие пари.