Зоран Заев учи од Сали Бериша и од Еди Рама

Бојкотот на парламентот од македонската опозиција не е нов изум на Балканот, а во Албанија се применува низа години. Тоа што сега го прави лидерот на СДСМ Зоран Заев, всушност е стандарден начин на водење политика од страна на Сали Бериша и Еди Рама, кога нивните партии се во опозиција, пишува Дневник.

Секојдневие и стандардна политичка игра, вака аналитичари од Тирана за „Дневник“ го оценуваат опозициското бојкотирање на албанскиот парламент, кое се провлекува низ сите транзициски години во земјата.

Во времето кога Сали Бериша беше на чело на албанската влада, од 2005 година и следните 4 години, опозицијата предводена од Еди Рама неколкупати го опструираше парламентот. Во јуни 2009 година, Бериша втор пат ја доби поддршката од Албанците за да ја предводи владата, а веќе во август Рама најави дека неговите парламентарци нема да влезат во парламентот, поради, како што тврдеа, кражбата на гласови за време на изборите. Во февруари 2010 година, по шестмесечен бојкот, социјалистите се вратија назад.

Рама бојкотира и поради убиството на четворица демонстранти на 21 јануари 2011 година. Во мај 2011 година социјалистите не ги прифатија резултатите од изборите за градоначалник на Тирана и повторно излегоа од законодавниот дом. Се вратија во септември. Практично, во двата мандата на Бериша, Рама речиси по половина мандат го минувал надвор од парламентот.

Денес во Албанија иста слика. На власт е Рама, но бојкотира партијата на Бериша. Парламентот повторно е без опозиција, но кружат гласишта дека Демократската партија, која веќе со месеци е надвор, ќе се врати назад. А главната причина што повторно ќе седнат во пратеничките фотелји е нацрт-буџетот за 2015 година.

Се бојкотира и без основа

Според новинарот во Тирана, Љутфи Дервиши, кој со години прави политички анализи на албанската сцена, бојкотот на парламентот е начин на функционирање и политички стил што се практикува низ целиот период на транзиција во земјата, без разлика дали на власт се социјалистите на Рама или претходно партијата на Бериша. Дервиши оценува дека опозицијата одлучува да бојкотира кога постојат причини, но во неколку наврати тоа се случило дури и кога немало основа.

– Се разбира дека местото на опозицијата е во парламентот, но и тоа е инструмент на политичката игра, кој може да се користи, ама како последно средство, а не како прва реакција – смета Дервиши. Тој нагласува оти ЕУ јасно стави на знаење дека еден од клучните услови за унапредување на процесот на интеграција на Албанија е политичкиот дијалог. Но земјата сепак успеа да добие кандидатски статус.

– Има некој вид дијалог и сега, но не се одвива во Собранието. Kога Албанија доби кандидатски статус, опозицијата беше во парламентот и двете страни се согласија за потребата за ЕУ-интеграција. Kако и да е, тоа е веќе познато и видено сценарио според кое функционира албанската политика. Луѓето веќе се навикнати. Според мене, опозицијата на Бериша ќе се врати во парламентот многу брзо – додава новинарот.

Бојкотот е кочница

Слични оцени даде и главниот уредник на весникот на македонската заедница во Албанија „Преспа“, Ефтим Митревски. И тој смета дека парламентот е место за дебата и носење квалитетни решенија и местото на опозицијата мора да е таму. Се потсетува на една клучна ситуација кога можело да се донесе закон во корист на малцинствата во Албанија, но токму поради опозицискиот бојкот во времето кога на власт беше Бериша, пред околу две години, таа иницијатива паднала во вода.

– Тогаш бевме поактивни како македонска партија и дефинитивно се чувствуваше отсуството на социјалистите во законодавниот дом. Во тој период дојде да н` посети германскиот претставник на ОБСЕ, Герт Аренс. Претходно на средба со партијата на Рама добивме ветување дека тие и сега, но и кога ќе бидат на власт, го прифаќаат нашето барање на учење на македонски јазик, институционално. Но бидејќи не беа во парламентот, иницијативата не заживеа како што треба во тој период, оти не можеше институционално да се интервенира – објаснува Митревски. Во врска со добивањето кандидатски статус за членство во ЕУ, Митревски нагласува дека тоа е начин како да ~ се даде надеж на Албанија.