Зорица Чавкова објаснува зошто нејзиниот татко е под тортура од власта

Теророт и изживувањата кон обвинетите од 27-ми април и нивните семејства не престанува. Откако Врховниот суд донесе решение со кое мерката притвор се заменува со куќен притвор за Митко Чавков поранешниот министер за внатрешни работи и директор на БЈБ, за неполни 24 часа Чавков повторно се најде во истражниот затвор Шутка. Ова е преседан на македонското правосудство и ќе остане уште долго да се памети.

За тоа како се одвивал овој терор во вчерашната емисија на Васко Ефтов, раскажа Зорица Чавкова, ќерка на Митко Чавков, која била со својот татко кога полицијата го апсела по втор пат.

Околу еден и триесет после полноќ повторно заѕвони полицијата пред врата. Јас се разбудив прва и претпоставував дека се дојдени за да проверат дали татко ми е физички присутен. Симнувајќи по скалите, ѕирнав низ прозорот да видам што точно се случува, бидејќи не бев сигурна. Но, видов полна улица со полициски коли, специјални единици, вели Чавкова.

Таа објаснува дека го разбудила татко и, но не и останатите, бидејќи знаела дека нешто лошо се случува.

Татко ми кога стана се упати кон вратата и им рече: Добро вечер колеги, тука сум. Еден од полицајците му рече да се потпише на новото решение. Ни на крај памет ни мене ни на татко ми не ни дојде дека повторно нешто лошо ќе се случи и почна да го потпишува решението. Додека сето ова се случува, еден од колегите, тивко како да му беше непријатно да го каже тоа само рече: Полека спремајте се, треба да дојдете со нас, продолжи да објаснува Зорица Чавкова.

Како една од причината за ова изживување и одмазда кон нејзиниот татко, Чавкова, го наведе фактот дека тој како министер за внатрешни работи истражувал многу криминал поврзан со некои личности од актуелната власт на СДСМ.

Преку 30 години има стаж во полицијата. Му ја повредија честа и интегритетот. За него тоа секогаш беше најважно, самата правна квалификација на делото тероризам за него е нешто неприфатливо, изјави Чавкова.

Чавкова додаде дека оваа што го прават врз нејзиниот татко е само тенденција да го направат главен виновник и терорист, но на крај цела оваа приказна што ја креираат ќе заврши и ќе се дознае дека тој не е виновен за настаните од 27 ми април.

Чавкова раскажа низ голготата која поминал нејзиниот татко кога бил пуштен во домашен притвор. Таа објасни дека денот кога прв пат го приведувале го земале од сегашната адреса во која живеат, но откако го пуштиле во домашен притвор го оставиле на улица пред станот кој бил во надлежност на МВР. Но, во тој стан како што рече таа немале ништо, бидејќи добиле решение во рок од 10 дена да се иселат, а за тоа имало и слики во јавноста каде што јасно се гледало како се иселуваат од тој стан.

-Го вратија на издржување на мерка домашен притвор на адреса каде што тој стан е празен, ние сме иселени од тој стан, станот е во сопственост на МВР. Ние добивме решение за иселување од тој стан во рок од 10 дена. Сите се запознаени со тоа, дури и во јавноста имаше слики како ние тој ден се пакувавме, Чавков сликан како  товара во комбе. Сите знаеја дека на таа адреса нема никој, тој е празен стан, не е во наша сопственост, немаме клучеви, немаме ништо. Го оставија таму на улица, на паркингот и си заминаа. Татко ми остана сам на улица, јас и брат ми отидовме го земавме и го однесовме на местото каде што живееме, изјави Чавкова.

Таа за начинот на кој го апселе Митко Чавков рече дека еден од полицајците му ставил лисици на рацете и му рекол „Едвај го чекав тој ден кога ќе ти ставам лисици на раце“.

Таа спомна дека постојано добивале закани, пораки со вулгарни содржини, а здравјето на нејзината мајка значително се влошило.