Зошто МВР ги приведе судиите и службениците во Јустиција?

Од судски фотелји во домашен притвор. „Јустициа“ стави крај на несовесното работење на дел од судиите и судските службеници во Одделението за прекршоци во Основен суд Скопје I Скопје и резултираше со кривични пријави за нив.

Четиринаесет судии и 11 службеници се осомничени дека го оштетиле државниот буџет за 1.308.515 евра за ненаплатена, а пресудена глоба, и 3.773.500 денари за ненаплатен, а претходно пресуден паушал за околу 8.000 застарени предмети.

За појаснување, како што пред два дена соопшти Министерството за внатрешни работи во текот на 2012 и во првото тромесечје од 2013 година, судиите и службениците постапувајќи по прекршочни предмети кои се примени во судот во текот на 2010 година, искористувајќи ја својата службена положба и овластувања и со неизвршување на својата службена должност ја нанеле милионската штета.

-Пријавените лица во својство на судечки судии кои ги воделе прекршочните постапки, во договор и со посредство на судските службеници кои работеле во истото Одделение, ги воделе судските постапки без притоа обвинетите да се појавуваат на рочиштата, односно со констатација дека истите се недостапни за судот, а се со намера да помине подолг временски период и да се оддолжи постапката. Најчесто, по одржување на последното рочиште, судијата во законски предвидениот рок, а понекогаш и по истекот на тој рок, носел осудителна пресуда и изрекувал санкција во глоба и мерка забрана,а во месечниот извештај го прикажувал предметот како казнив и пресуден. Меѓутоа, наместо да ја верификува и експедитира пресудата во прекршочната писарница, со што истата би станала правосилна по предвидениот рок за жалба, а подоцна и извршна, а со тоа би се наплатила и санкцијата од обвинетиот, за сметка на буџетот на Р.Македонија, судијата, вака донесената пресуда ја чувал кај себе подолг временски период, односно до периодот после застарување на делото.Откако истото ќе застарело ја верификувал и доставувал во писарницата. Исто така судските службеници примерок од пресудата по налог на судиите, доставувале само до подносителот на пријавата, а не и до обвинетиот. Вака доставената пресуда, по нејзиното застарување, со потпис на судијата на соодветно изготвен штембил неспоменат во судскиот Деловник чиј текст гласи: ”Согласно чл.42 ст.7 од Законот за Прекршоци, „СЕ ЗАПИРА“ прекршочната постапка према обвинетиот, поради застареност на прекршочното гонење”, а на самиот штенбил има и дата и потпис на судија со која дата и потпис предметот се архивира без да се извести подносителот за истото. соопштија од МВР.

По приведувањето, на судиите, судија на претходна постапка одреди превентивни мерки за спроведените лица.

За 19 лица, судијата им одреди забрана за напуштање на живеалиште и забрана за преземање на определени работни активности кои се поврзани со кривичното дело додека за останатите 5 лица исто така е определена забрана за напуштање на живеалиште, и им е определена обврска да се јавуваат повремено на определено службено лице. Од страна на Судскиот совет, пак вчера беше донесена одлука, осомничените судии да бидат суспендирани.

– Судскиот совет се произнесе за мерката „забрана за преземање определени активности поврзани со работното место“ и притоа согласно законот донесе одлука за „времено оддалечување на деветмината судии од вршењето на судска функција, изјави по вчерашната седницата претседателката на Судскиот совет на Република Македонија Александра Зафировска.

Во меѓувреме вчера од скопската Единица соопштија дека работата на Одделението за прекршоци нема да биде запрена.

-Основниот суд Скопје 1 – Скопје по добивање на одлуката од Судскиот совет на РМ за суспензија на судиите кои беа опфатени со истрагата на ОЈО – Скопје ќе побара од советот да се делегираат судии на определен период. Дотогаш по затекнатите предмети ќе поставуаат преостанатите четворица судии. Со оглед на тоа дека во определен период судиите на прекршочниот оддел на овој суд имале и по 5 илјади предмети за работа, сметаме дека нема да има проблем навремено да ги заршуваат предметите додека не се делегираат дополнителни судии, и секако нема да се дозволи било каков застој во работењето, соопштија вчера од Основниот суд Скопје I.

Од Основното јавно обвинителство информират дека продолжува постапката против 25 осомничени со цел утврдување на сите факти и докази во предметот.