Зошто повеќе ја милувате и љубите Грција од Македонија?

Многу интересна појава се случува во Македонија секогаш непосредно пред некоја голема и важна надворешнополитичка случка за земјава. Токму во тие моменти, важни за земјава, на јавноста и се наметнува темата за проблемот кој Грција го има со нашето уставно име – Република Македонија.

Главни ликови се новинари и уредници блиски до опозициската СДСМ, и нормално медиумите кои тие ги раководат. Да биде појасно, мајсторите на кујната за шпекулации и смутови Бранко Героски и Ацо Кабранов и нивните „ПлусИнфо“, „Либертас“ и „Слободен Печат“.

Главната теза во нивната пропаганда е дека токму пред важни надворешнополитички случувања за Македонија, земјава е притисната да го реши спорот за името. Нормално при лиферувањето на шпекулациите секогаш се наведуваат неименувани дипломатски извори. И вордингот е многу интересен. Никогаш не се прецизира дека тоа е спор кој Грција и’ го наметна на Македонија, и дека Грција има проблем со нашето уставно име, а не ние. Македонија нема проблем со името, ниту пак било која друга држава во светот има проблем со нашето уставно име.

Така беше и летово непосредно пред берлинската конференција.

Прво, преку медиумите блиски до опозицискиот СДСМ, се лиферуваа шпекулации дека пораката од Берлин до премиерот Никола Груевски е решавање на спорот со името, а потоа, по неколку денови истите тези и официјално СДСМ си ги соопшти на прес-конференција.

И помина Конференцијата во Берлин. И не го сменивме името. И се продолжи по старо. И Што?

Последната шпекулација, пак, е поврзана со медијаторот за проблемот кој Грција го има со нашето уставно име – Република Македонија, Метју Нимиц, дека тој наводно кон крајот на месецов на маса ќе ставел нов предлог – Македонија да си го смени името во „Република Горна Македонија“, јазикот во „Македонски“, а луѓето кои живеат во Македонија да се нарекуваат „граѓани на Горна Македонија“. И готово. Нема веќе. Навистина? А, по објавувањето на овие шпекулации од Героски и неговото весниче „Слободен печат“, грчкиот весник „Катимерини“ објави дека всушност Нимиц нема доставено никаков нов предлог, и тоа до ниедна страна. Но, сепак веста се актуелизира во Грција со пренесување на информацијата на „Слободен печат“. Нормално, ним им одговара предлогот. Се’ е сменето. И името на земјата, а и ние повеќе нема да сме Македонци, туку граѓани на Република Горна Македонија. Одлично. Цело е кога има се, па затоа и грчките медиуми на крајот дополнуваат дека интернет порталите за вести во земјава, кои ја реобјавуваат информацијата на „Слободен Печат“, вклучувајќи го и самиот весник се блиски до опозициската СДСМ.

– Весникот „Слободен печат“ е близок до Социјал-Демократскиот сојуз на Зоран Заев, објави грчки „Нафтемпорики“.

Сега останува уште СДСМ во наредниве денови да си одржи една прес-конференција во врска со ова и мисијата да им биде комплетирана.

Но, ќе дојде и тој момент, и ќе видиме дали ќе биде така, или пак ќе се повтори истото што се повтори и по Конференцијата во Берлин, но и по многу други надворешнополитички настани поврзани со Македонија во изминативе години.

Сепак еден момент е многу важен при лиферувањето на овие шпекулации и смутови. Моментот дека со вакви чекори секогаш Македонија се става во подредена улога, а Грција во надредена. Секогаш на јавноста и се наметнува впечатокот дека ние (Македонија) сме тие што ја кочат работата, дека ние сме непродуктивни во наметнатиот спор, дека ние немаме воља за договор, дека ние сме „лошто момче“ во приказната, а „цвеќето за мирисање“ е Грција!

Та толку си ја мразат својата земја овие луѓе? Толку ли Грција им е помила и пољубена? Или пак за нешто сосем друго станува збор? Нешто што само тие си го знаат и затоа така прават?

Но, треба да сфатат дека Македонците знаат оти проблемот им е наметнат од Грција. Македонците знаат дека Грција е страната која не сака договор и дека ја држи Македонија континуирано во заложништво во евроатлантските интеграции.

Македонците знаат кој е „bаd guy“ во приказната.