Зошто толку променливо време оваа сезона?

Врнежлива пролет и нестабилно лето со обилни дождови-временски прилики на какви што граѓаните на ова поднебје не се навикнати. Изминативе месеци, Македонија беше зафатена од променливо време несвојствено за пролетниот и летниот период. Силни бури во неколку наврати го зафатија скопскиот реон.

Но, Македонија не е единствената која ги почувствува овие сезонски промени на временските услови. БиХ, Србија, и Бугарија беа соочени со масивни поплави. Во Хрватска, над островите во северен Јадран и Задар, беснееја силни морски бури со поплави и појава на торнадо. Освен на Балканот, промените на времето и климата ги загрижи луѓето и во другите делови од Земјината топка. Појава на топли бранови, суши и пожари во Австралија, тајфунот Хајан над Филипините, поплави во Индонезија, зимски бури и поплави во Велика Британија.

Многумина почнаа да се прашуваат на што се должи ваквата промена на времето. -Во последниот период се’ почесто сме сведоци на едни поинакви временски и климатски прилики, за кои навистина ни треба извесно време да се адаптираме и да ги прилагодиме нашите различни животни навики и потреби кон нив. Воопшто не е лесно да се објаснат причините за временските состојби бидејќи се работи за многу комплексно прашање, за чие целосно објаснување се неопходни и анализи, истражувања, статистичка евиденција и други научни сознанија, вели др. Владо Спиридонов, насловен вонреден професор по метеорологија на ПМФ од кого побаравме стручно мислење за временските прилики. Тој заедно со реномираниот професор Млаѓен Ќуриќ од Физичкиот факултет од Белград, преку научна студија се обидоа да дадат одговор за некои од причините и факторите кои влијаеа за ваквата манифестација на времето во регионот во оваа сезона.

Главни фактори

promenlivo-vreme500

Општата атмосферска циркулација, екстремно студениот бран измината зима во САД и Канада, сезонско враќање на западните ветрови-иницирање на т.н. Европски монсун, т.е. карактеристичен модел на атмосферска циркулација над Атлантикот и Европскиот континент, се главните причини за променливиот карактер на времето и неповолните временски влијанија во нашиот регион, велат професорите.

– Какво ќе биде времето и климата над одредена област, во голема мера зависи од глобалната атмосферска и океанска циркулација и распоредот и влијанието на воздушните маси. Основен двигател на процесите во атмосферата е Сонцето. Поради наклонот на оската на ротација на Земјата во однос на Сонцето, појасот околу екваторот, тропските и суптропските области, преку цела година примаат поголема количина топлина отколку умерените-географски ширини и половите. Исто така, океаните и морињата имаат поголем топлотен капацитет во однос на копната. Интеракцијата помеѓу океаните и атмосферата како и нивните температурни разлики-создаваат разлики и во останатите метеоролошки параметри и влијаат на формирањето на глобалните модели на општата атмосферска и океанска циркулација кои од своја страна имаат силно влијание на регионалното време и клима во сезонски рамки, вели Спиридонов.

Според него, при нестабилни атмосферски услови, при изразена топлина и влага се иницираат и конвективни системи и облаци со вертикален развој, кои понекогаш можат да еволуираат во вистински бури со поројни врнежи, силен ветер, молњи и да предизвикаат ненадејни поплави, кои можат да имаат деструктивен карактер и да ги загрозуваат животите на луѓето и материјалните добра.

Меѓу две воздушни маси со големи температурни разлики, помеѓу половите и тропските области во повисоките слоеви на атмосферата, се создаваат млазни струи. Овие струи кои циркулираат околу полот на северната хемисфера, ги управуваат атмосферските системи со влага и ветер кои доаѓаат во близина на Атлантикот и учествуваат во иницирањето на процесите на циклогенеза, т.е. формирање на циклоните на европскиот континент, објаснува професорот.

– Оваа сезона распоредот на воздушните маси беше таков што поголемиот дел од европскиот континент се наоѓаше под влијание на поларната воздушна маса, со континентални временски карактеристики и почести продори на ладен воздух од северните географски ширини, и појава на зачестена циклонска активност и размена на фронтални системи, од кои во голема мера зависеше променливиот карактер на времето во регионот. Дополнително во текот на летните месеци се намали влијанието на суптропскиот појас на висок воздушен притисок кој вообичаено, кај нас во текот на летните месеци носи стабилно, суво и топло време, а понекогаш и многу топло-тропско време, вели Спиридонов.

Екстремно студената зима во САД и Канада

sad-kanada500

Екстремно студената „сибирска зима“ во Канада и во САД, многумина ја поврзуваат со „поларниот вртлог“ или долго-егзистирачки простран центар со низок воздушен притисок кој се наоѓа околу 50 километри над половите во стратосферата.

Обично, во текот на зима, низ слоевите на атмосферата над Арктикот, поради недостатокот на сончево зрачење се формира длабоко езеро на ладен воздух и во повисоките географски ширини се одржува со млазните струи.

Оваа зима поларната млазна струја ослабна и се помести на југ преку Северна Америка во пресрет на системот со низок притисок кој го напушташе Американскиот континент преку Атлантикот. Ова овозможи резервоарот со Арктички ладен воздух да се поместува кон југ преку САД, што доведе до екстремно ниски температури и појава на Сибирски студ. Всушност, студеното време во САД ја зајакна ослабената млазна струја и донесе поблаго и повлажно време на Европскиот континент, како што веќе видовме во текот на зимата и раната пролет, објаснува професорот.

Во април и мај, европскиот континент се загрева многу брзо. Во исто време, површината на северниот дел на Атланскиот Океан се загрева многу побавно. Оттаму температурната разлика помеѓу континентот и Атланскиот океан се зголемува, како и разликата во температурата на воздушните маси над континентот и океанот.

– Оваа температурна разлика условува разлика во воздушниот притисок кој во тоа време во просек е поголем над северниот Атлантик отколку над Европа. Поради тоа доаѓа до засилени продори на посвежи и повлажни воздушни маси од Атлантикот на европскиот континент, кои носат освежување и зголемени врнежи. Дополнително, оваа сезона поради влијанието на поларниот центар со екстремно ниски температури во САД, Канада и Северо Атланскиот Океан во текот на зимскиот период, овој температурен контраст оваа сезона беше поизразен. Тоа придонесе за создавање на зонален термички градиент во средните географски ширини. Овој градиент иницира циркулација во поголеми размери во регионот и создава специфични термодинамички и климатски услови кои наликуваат на т.н. Европски монсун, објаснуваат професорите. За постоењето на овој карактеристичен регионален модел на атмосферска циркулација од страна на професорите Ќуриќ и Радиновиќ објавена е публикација во познат научен часопис. Европскиот монсун или како уште се нарекува (враќање на западните ветрови), не е толку изразен како Индискиот монсун (сезонска промена во атмосферската циркулација) затоа што се формира во друга географска област за разлика од Индискиот монсун кој е многу поизразен и влијае на иницирање на силни бури и носи големи количини врнежи во Индија и околните острови во регионот во јуни и јули. Влијанието на т.н. Европски монсун се одразува на општите временски и климатски карактеристики, појава на влажни процеси во атмосферата, зачестено формирање на вонтропски циклони, иницирање на бури и појава на значителни врнежи во почетокот на летото, како и ненадејни поплави.

– Всушност такви временски карактеристики се манифестираа во текот на пролетта, посебно во мај, кога беа регистрирани серија циклони и катастрофални поплави во регионот на југоисточна Европа, но со несмалена јачина продолжија и во текот на летото, велат професорите.

Климатска варијабилност

varijabilnost500

Професорите во студијата обајснуваат дека климата се менува во текот на сезоните и годините, наместо ден за ден како што е случај кај времето.

– Некои лета, како на пример тековното, се посвежи и поврнежливи од другите. И покрај тоа што луѓето се повеќе ја перцепираат климатската варијабилност, таа не е толку забележлива како временските промени, затоа што се случува сезонски и во текот на годините, велат професорите.

Под поимот климатската варијабилност научниците подразбираат механизам според кој климата сезонски се менува-флуктуира во однос на еден нормален климатски период од триесет (30) години. Од друга страна, климатските промени претставуваат долгорочна постојана промена на климата. Клучни двигатели на климатската варијабилност се феномените Ел Нињо и Ла Ниња, кои претставуваат температурни осцилации во океанските струи и интеракции со атмосферата во централниот и тропски дел на Пацифичкиот Океан. Ел Нињо Јужна Океанска Осцилација (ЕНСО) е поврзан со зголемување на температурата на површината на океанот додека Ла Ниња е позитивна фаза на Ел Нињо, проследен со континуирано ладење на површината на океанот.

Овие феномени влијаат на моделите со општа циркулација во големи размери и имаат широко распространети ефекти на сезонското време и климата на целата планета. Според климатските прогнози на климатскиот центар НОАА од САД, продолжуваат неутралните услови со постепена тенденција за појава на Ел Нињо. Иако Ел Нињо нема изразено влијание на временските системи во Европа или не се многу јасни последиците од овој феномен, сепак експертите сугерираат дека главното влијание најверојатно ќе се почувствува во зима, условувајки постудени, суви услови во северните делови од континентот, и релативно повлажна, блага зима во јужните делови од Европа и Медитеранот.

– Компјутерските симулации и климатските прогнози од Националниот Атмосферски Океанографски Центар на САД (НОАА) упатуваат дека феноменот Ел Нињо се предвидува да настапи во периодот јуни-август и да продолжи во почетокот на 2015, без шанса за појава на изразено загревање и поголемо влијание на временските системи и прилики кај нас. Но, сепак, експертите очекуваат дека извесно влијание над европскиот континент би можело да се почувствува во текот на зимскиот период условувајки постудени-суви услови во северните делови од континентот и релативно повлажни, благи услови во текот на зима во јужните делови од Европа и Медитеранот, велат професорите.

Климатските промени и глобалното затоплување

globalno-zatopluvanje500

Она што неодамнешните студии го покажуваат, но и според петтиот извештај за тековниот статус и научната проценка за климатските промени, објавен од страна на Меѓувладиниот панел за климатски промени (СМО), упатуваат на зголемување на честината и интензитетот на атлантските бури, кои заземаат се’ повеќе јужна патека-типично за екстремните временски услови оваа зима, посебно во северозападниот дел на Европа и Велика Британија. Исто така, постои зголемен фонд на евиденција, за зголемување на интензитетот на дневните максимални количини на врнежи, во согласност со очекувањата од основниот физички концепт на глобалното затоплување, кој се јавува поради зголемувањето на концентрациите на стакленички гасови (со посебен акцент на ЦО2) и појава на ефектот на стаклена градина. Но, како и да е, не постои цврста научна евиденција, и се’ уште нема дефинитивен одговор за можниот придонес на климатските промени во неодамнешните масивни поплави во регионот на југоисточна Европа како и појавата на силни бури проследени со интензивни врнежи и појава на поплави кај нас. Ова секако дека се должи на променливата природа на времето и климата во Европа и кај нас.

– Поради сложените интеракции на многу фактори од кои зависи климата ние не можеме за сега со сигурност да кажеме ниту каква ќе биде во блиска или подалечна иднина. За утврдувањето на овие влијанија неопходни се покомплексни истражувања и податоци за што ќе оставиме простор во друг прилог, вели професорот Спиридонов.

Ирена Радовановиќ за МИА