Зошто Заев оди пеш за Грција наместо со автомобил од 80.000 евра?

Во неколку наврати лидерот на СДСМ ја минувал македонско-грчката граница пеш, на излез или на влез. Зошто тоа би го правел човек со автомобил од 80.000 евра? Интересно, некои од прошетките на Заев на југ или исток се поклопуваат со битни настани за Македонија, пишува денеска дневниот весник „Дневник“, пренсува Нетпрес.

Има некои интересни моменти поврзани со Заев. Тие можат да значат нешто, но и не мора. Тој е човек чие семејство има богатство од повеќе милиони евра и автомобил од 80.000 илјади евра. Но тој е човек што во самата партија си создаде и низа непријатели, кои не можат да се помират со својата позиција, но и со некои постапки на лидерот. Меѓу тие постапки, тема на разговори, според нашите извори, се и некои патувања на Заев во соседните Грција и Бугарија. Kако, на пример, кога во август минатата година или поточно на 24 август околу шест часот попладне пеш го минал граничниот премина кај Дојран и влегол во Грција. Всушност, тоа го прави во неколку наврати. Зошто некој би влегувал во Грција пеш или обратно? Во посочениот случај се вратил во Македонија следниот ден попладне, овој пат со возило. Што би можело да значи тоа? Шопинг-тура до фри-шоп? Тој кај Дојран е мал, а со само десетина километри повеќе возење се стигнува до гевгелискиот. Згора на тоа, во фри-шоп не се останува 24 часа.

Пешак

Неколку дена подоцна, на 31 август, Заев одново оди за Грција, со тоа што овој пат влегува кај соседите преку истиот премин со возило, а се враќа следниот ден пеш.

На 9 септември 2013 година влегува во Грција и излегува од земјата по девет часа истиот ден. Во двата правца го минува ГП Дојран, и тоа како пешак. Дали од таа страна го чека возило? И зошто?

Ако некој сака да се занимава со анализи, може да утврди дека некои од неговите патувања коинцидираат со одредени случувања во Македонија.

На пример, по патувањето на 31 август, во партијата можело да се чуе дека е обезбедена политичка поддршка од странство. На 9 септември Метју Нимиц се среќава во Њујорк со грчкиот министер за надворешни работи Евангелос Венизелос. Kаква врска има тоа со патувањето на Заев во Грција? Не мора да има никаква, од друга страна, сешто може на човек на да му падне на памет.

На 23 октомври минатата година на ГП Богородица Заев има влез во РМ во попладневните часови, односно околу 16 часот, и тоа како пешак. Што би значело тоа? Дека влегол во Грција од друг премин, можеби од друга држава, но, пак, зошто се враќа како пешак? Што, всушност, значи ова невообичаено однесување? Интересно, на 23 октомври во Њујорк почна дводневна рунда разговори за спорот за името, свикана од амбасадорот Метју Нимиц.

Kоинциденции?

На 14 декември минатата година вечерта Заев влегува од Грција во Македонија кај ГП Богородица со возило. Тоа се денови кога во ЕУ се подготвува заклучокот за РМ, донесен на 17 декември, со кој е утврдено дека на прашањето за почетокот на пристапните преговори на Европската комисија со РМ, „земјите-членки ќе се навратат во 2014 година“.

Се разбира, во секоја земја, па и во Македонија, секогаш има настани што можат да се врзат за одреден датум, па овие настани може да се сфатат и како занимливи коинциденции.

Од друга страна, нашите извори велат дека една од дестинациите на Заев е Солун, а таму често го милувал локалот спроти Националната банка на Грција. Тоа е место каде што може да се сретне и еден Македонец кој две години живее и работи во Солун. Што? Тоа е веќе друга приказна.

На 7 февруари оваа година вечерта Заев излегува од РМ преку Ново Село, а се враќа на 9 февруари околу пладне преку истиот премин. Дента, на 7 февруари, Заев и Шекеринска имаат средба со ЕУ-претставникот во РМ Аиво Орав и со директорот на Директоратот на ЕУ за проширување, Kристијан Даниелсон. На средбата се говори за претседателските избори, а двоецот од СДСМ бара фер избори.

На 28 февруари претпладне преку ГП Дојран Заев одново оди за Грција, а се враќа попладне преку Богородица. Во двата правца оди со возило. Еден ден пред тоа Стево Пендаровски ја прифаќа партиската кандидатура, а на 1 март Груевски вели дека ќе има и парламентарни избори.

На 7 март Заев повторно заминува за Грција. Дента СДСМ го започнува случајот „Актор“, кој се однесува на изградбата на делницата Демир Kапија-Смоквица, со завршната реченица, која подоцна ќе стане вообичаен стил на СДСМ: „Груевски, ќе кажеш или ние да продолжиме“. Нова прес-конференција следува наредниот ден, а на 9 март Петре Шилегов посочува и одредени документи за „Актор“ каде што главен актер е грчка фирма.

Следува 19 март кога Заев ја напушта Македонија преку Ново Село за да се врати по неколку часа преку истиот премин. Тогаш Нимиц закажува нова рунда преговори, а тие денови од партијата стигнуваат шпекулации за случај што ќе го донесе СДСМ на власт. Неколку дена подоцна Шекеринска споменува дека имаат „бомба-документи“ за државниот врв. „Бомбата“, која многу личи на таа што му беше пуштена на турскиот премиер Ердоган неколку дена пред гласањето, исто така е објавена пред изборите. Атмосферата се загреваше така што СДСМ започна со млаки прес-конференции за да го засилува темпото секој ден, с` до објавување на аудиоснимката за случајот со Македонска банка. Сето тоа проследено на крајот со истата реченица: „Груевски, ќе кажеш или да продолжиме“.

ЗАЕВ БЕЗ ОДГОВОР

За сите овие моменти вчера побаравме објаснување од лидерот на СДСМ Зоран Заев. За жал, во текот на вчерашниот ден не добивме одговор.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.