Зошто бегалци од Сирија не одат во побогатите арапски земји?

„BBC“ одговара на прашањето кое овие денови го поставуваат многумина, а тоа се причините поради кои бројните бегалци од Сирија не бараат засолниште во богатите земји од Персискиот залив.

Иако во голем број бегалци од Сирија пребегуваат во Либан, Јордан и Турција, влезот во арапските држави не е така лесен и на бегалците им е потребна виза за влез во земјите од Персискиот залив, пренесува Денешен.мк.

Станува збор за скапа постапка, пишува „BBC“, за која постои широка перцепција дека непишаните ограничувања ја отежнуваат постапката во пракса, поради што повеќето Сиријци на кои им е одобрен влез се оние кои претежно веќе имаат семејство во овие земји.

Сиријците без визи моментално не можат да влезат во ниту една од арапските земји освен во Алжир, Мавританија, Судан и Јемен, а крутиот став на арапските земји во екот на криза предизвикува негодување на друштвените мрежи каде многу се прашуваат дали треба Арапите од соседството да им овозможат поголема помош од она што го прави Европа.

Хаштагот на „Twitter“ со кој се бара земјите од Персискиот залив да ги прифатат бегалците, во последнава недела е користен 33.000 пати, а корисниците на социјалните мрежи посегнуваат и по вознемирувачки и впечатливи фотографии од страдањето на бегалците со цел да постигнат расправа на таа тема.

Сиријската заедница во Данска на својата „Facebook“ страна има ставено видео од бегалците на кои им е дозволен влез во Австрија, каде што некој од корисниците прашува „Како тоа избегавме од регионот на нашите муслимански браќа, кои би требало да превземат поголема одговорност за нас отколку земјите кои ги опишуваат како неверници“.

Друг корисник одговорил: „Се колнам во семоќниот Бог, Арапите се тие кои се неверници. Пуштете ги внатре!“.

Слични граѓански акции на социјалните мрежи го привлекуваат вниманието на регионалните медиуми, па и саудијскиот дневен весник „Маках Њузпејпер“ објавил карикатура во која Арап позади заклучени врати, опкружени со бодликава жица посочува кон вратата со европско знаме. „Зошто да не ги пуштите внатре, вие нечовечни луѓе?!“, пишува како пропратен текст на цртежот.

Карикатурата, на својот „Twitter“ профил ја пренел и командантот на опозициската Слободна сиријска војска со коментар – „О земји од Заливскиот совет за соработка, ова се невини луѓе и се колнам дека тие најмногу заслужуваат милијарди во помош и донации“.

Но и покрај сето ова, малку е веројатно дека земјите од Персискиот залив ќе ги променат своите ставови за сиријските бегалци, оценува „BBC“.

Земјите како Кувајт, Саудиска Арабија, Катар и Соединетите Арапски Емирати, нискоквалификуваната работна снага ја внесуваат од Азија и Индија, додека добро платените работи љубоморно ги чуваат за сопствените граѓани. Предноста за вработување на своите жители посебно е изразена во Саудиска Арабија и Кувајт, каде од 2012-та година спроведуваат службена стратегија за намалување на бројот на странски работници за еден милион годишно.