Спорт

Ракометна Лига на шампионките ЖРК Вардар убедлив против Будуќност

ЖРК Вардар убедлив против Будуќност

Во балканскиот дуел од ракометната женска Лига на шампионите, скопски Вардар го совлада првакот на Црна Гора, подгоричка Будуќност со 31:24 (19:8), што е деветти триумф во низа сезонава во елитното европско натпреварување за „црвено-црните”

Најавувајќи дека се во одлична форма на патот до четвртфиналето на ЛШ, ракометарките на Вардар остануваат лидерки на табелата во група 2 во Главната фаза со максимални 14 бода, и со најдобра гол разлика, од плус 45) и најдобар напад во лигата на шампионите со 219 постигнати голови.

Неизвесност имаше само во почетните минути од средбата, а потоа „вардарки“ влегоа во мечот и лесно направија предност што донесе опуштање во продолжението на првото полувреме, па и можност во игра да влезат и оние што вообичаено повеќе седат на клупата.

Вардарки покажаа голема зрелоста во играта, и одлична игра во одбрана и напад. Будуќност не беше дораснат ривал за, па Вардар имаше процент на реализација поголем од 65 отсто, а слично беше и со погодените удари кон голот на Будуќност.

Она што го покажаа во првото полувреме продолжи и во вторите 30 минути и иако немаше дилеми околу конечниот победник, Вардар играше максимално со исто темпо. Домашните во најголемиот дел од дуелот имаа двоцифрена предност, и го спречија сите обиди на гостинките и нивниот тренер да го нарушат ритамот на Вардар.

Прв стрелец беше Андреа Пенезиќ со осум гола, по четири имаа Кузнецова и Цвијиќ, додека со по три гола завршија Радичевиќ и Чанаџија. Лејно имаше 15 одбрани.

Во следното коло на 25-ти февруари Вардар гостува во Франција кај Мец.