Звер: Македонската опозициска левица да почне да користи демократски средства

Македонската опозиција да почне со користење на демократски средства, а не да го копира словенечко-бугарското сценарио за насилно уривање на централно-десничарската Влада во земјата. Ова е пораката на пратеникот во Европскиот парламент, д-р Милан Звер на однесувањето на СДСМ во Република Македонија и обидите за насилно превземање на власта, јавува дописникот на МИА од Брисел.

Звер, кој е поранешен министер за образование и кандидат за претседател на Словенија, смета дека она што го прави партијата на Зоран Заев во Скопје треба да се гледа во поширок контекст, бидејќи, според европратеникот од редовите на Европската народна партија, која е најбројна политичка партија во Европски парламент, улицата и насилството е единствен начин на кој политичката левица се обидува да дојде на власт во балканските земји.

– Насилните демонстрации во Македонија кои се охрабрени од политичката левица, силно наликуваат во својата форма и содржина на анти-владините демонстрации во Словенија во 2012 и во 2013 година, кога централно-десничарската влада на премиерот Јанез Јанша беше симната од власт. Во тоа време, “демонстрантите” користеја насилни форми на протест, фрлаа гранитни коцки со кои ги повредуваа полицајците. Тие не користеа демократски средства, туку насилството и тогаш ја постигнаа својата цел, а тоа е пад на владата – посочува европратеникот Звер во изјава за МИА.

Според искуснито словенечки политичар и член на Европскиот парламент, сега се спроведува идентично сценарио во Македонија со примеси од дел од неодамнешните случувања во Бугарија.

– Тековните настани во Македонија се Дежа Ву, нешто веќе видено од слични методи што се користеа во соборувањето на централно-десничарската влада и во една друга земја, како што е Бугарија. Тоа е причината зошто ние треба да погледнеме на овие настани во Македонија во еден поширок контекст. Јас би сакал демонстрациите во Македонија да завршат и опозицијата да почне со користење на демократски средства – дециден е словенечкиот европратеник д-р Милан Звер.