Звер: Техничка влада не е искрен предлог за решение

Кризата во Македонија е мотивирана од недостатокот на разбирање на парламентарната демократија кај опозицијата, особено што и во случајот во Македонија станува збор за партија од социјал-демократска провиниенција.

Словенечкиот европратеник, Милан Звер во интервју за порталот „Прес24“ вели дека техничка влада, предлогот на опозицијата, не е искрен предлог за разрешување на кризата во Македонија. Од тие причини смета дека разговорите меѓу власта и опозицијата под патронат на Европскиот Парламент не треба да резултираат со такво решение.

– Факт е дека да се разговара и да се преговара е неопходно, а понекогаш е потребно и да се направи отстапка. Но, ќе биде грешка доколку социјал демократите издејствуваат се што побараа за време на разговорите, вели во интервјуто словенечкиот европратеник.

Тој смета дека покрај однесувањето на опозицијата, во голема мера вина со состојбата имаат и западните земји, кои не најдоа начин да го придвижат ЕУ процесот за Македонија.

– Земјата добро економски се развиваше и постануваше модерна демократска земја особено во последните 10 години на чело со Груевски. Сметам дека таа неодамна беше дестабилизирана од два фактори: најпрво, од опозициските социјал демократи кои не беа во можност да се опорават од поразот на последните избори и второ од меѓуетничките тензии, смета тој.

Западните земји сега мора да ја разрешат ситуацијата, која и самите ја потпомогнаа на некој начин. Сите ние, кои работиме со европските институции и НАТО , сносиме одговорност. Ако датумот за старт на преговорите за членство веќе беше одреден, ваква дестабилизација тешко дека ќе се случеше, иако мораме да запомниме дека изминативе години социјал-демократите не бираат средства за делување во политичката борба како што видовме и во Словенија, Бугарија и на неколку други места, дополнува Звер.

Според него тезата дека во Македонија се случува судир меѓу прозападна опозиција и проруска власт е нон-сенс и таа теза е дел од политичката пропаганда

– Оваа теза има за цел да ги прикаже социјал-демократите како про-западно ориентирани, а владата како поддржувач на Москва. Ова е нон-сенс. Повеќе би рекол дека ситуацијата е сосема спротивна, вели тој .

Понатака во интервјуто дава оценка и за состојбата во регионот и можноста за нови конфликти.