Сите - Македонија,Македонија

Звер: Успешната приказна ќе продолжи со Груевски, браво Македонци

Звер: Успешната приказна ќе продолжи со Груевски, браво Македонци

Словенечкиот пратеник во Европскиот парламент, Милан Звер, испрати честитки за успешните, фер и демократски избори во Република Македонија, јавува дописникот на МИА од Брисел. Според поранешниот министер за образовение и претседателски кандидат во Словенија, успешната приказна во Македонија ќе продолжи со премиерот Никола Груевски, јавува МИА.

„Исклучителните резултати на парламентарните и претседателските избори се резултат на задоволството на македонските граѓани од политичкото лидерство, препознатливо по одличната соработка меѓу претседателот Ѓорге Иванов и премиерот Груевски. Ова е израз на политичко единство и стабилност што е погодно за добра социјална и економска клима“, вели Звер.

Според европратеникот, она што особено го импресионирало е фактот дека централно-десничарската Влада на Груевски успеала со својот модел на социјална интеграција, кој не се базира на асимилација, посочувајчи дека во функционирањето на државата се активно вклучени христијаните, како и муслиманите, а во етничка смисла, Македонци, Албанци, Роми и други етнички заедници.

„Македонија на тој начин станува успешна европска приказна. Земјата ја надмина Словенија без никаква достапност до кохезиските фондови на Европската унија, ниту до други ресурси, програми или механизми на Брисел, што се достапни на мојата земја. Тоа беше можно да се постигне со паметни економските политики и избори и Македонија направи вистинско мало развојно чудо. Успешната приказна очигледно ќе продолжи. Браво Македонци!“, порача европратеникот Звер.

Според искусниот словенечки политичар, во 2006 година се чинело дека Македонија е сериозно непријатна приказна. Тогаш, според него, владата на Никола Груевски дојде на власт и создаде од Македонија мало чудо.

„Во двата премиерски мандати, Груевски во управувањето со владата создаде над 120.000 нови работни места, Македонија постигна силен економски раст, даноците беа намалени и се создадоа стимулативни економски услови со кои се овозможи влез на странски инвеститори, кои, исто така, ќе создадат десетици илјади работни места со висока додадена вредност во наредните неколку години. Македонија има низок јавен долг, стабилни јавни финансии, добар углед во Светската банка и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ). Дури и Европската комисија во последните пет години дава позитивна оценка на Македонија за напредокот и прогресот на реформите во сите области“, завршува европратеникот Звер.

Со оглед на тоа што Европскиот парламент е веќе распуштен, ниту еден од пратениците во европскиот законодавен дом не се наоѓа повеќе во Брисел и сите во своите земји водат кампања за да влезат во идниот состав на ЕП. Известувачот од Европарламентот, Ричард Ховит, порача дека ќе ги почека оценките на ОБСЕ/ОДИХР за изборниот ден, па исто како и Европската комисија, потоа ќе даде своја изјава за изборите во Република Македонија.