„Ѕвезда“: На Костовски да му се одземе признанието Почесен граѓанин на Велес

Здружението за заштита на човековите права на протераните од Егејскиот дел на Македонија „Ѕвезда“ од Велес достави  барање Советот на Општина Велес на својата наредна седница на Трифун Костовски да му го одземе признанието „Почесен граѓанин на Велес“, поради навредите упатени кон нив.

-Ние членовите на здружението за заштита на човековите права на протераните од Егејскиот дел на Македонија, „Ѕвезда“ од Велес и нивните потомци, денес гордо стоиме на ова место за нас каде што се запишани имињата на 105 доброволци од 400 наши роднини браќа сестри и роднини кои се одзваа на повикот да се брани егејскиот дел на Македонија во граѓанската војна и не се вратија. Нивните коски се наоѓаат во планините Грамос, Вичо, Пајак планина и други места во Егејскиот дел на Македонија. Зад овие плочи се наоѓаат улиците Лазо Трпковски, Мирка Гинова, Пајак планина, Костурска, токму овде живееме ние нивните деца потомци, и сме горди и благодарни на тоа. Овде сме за да изразиме протест против фашизоидната изјава на таканаречениот висок интелектуалец Трифун Костовски кој слепо ја прифати одлуката од Букурешт од договорот во 913 година и вештачки поделбата на Македонија сега повторно не дели, на Егејци, Пиринци и Вардарци. Ние сме Македонци. Сакам јасно и гласно да порачам дека сите ние сме Македонци и никој нема право да не дели по било каков основ. Македонија е една и единствена и така ќе остане, наша заедничка држава. На својата последна седница Здружението за заштита на човековите права на протераните од Егејскиот дел на Македонија „Ѕвезда“ од Велес донесовме одлука за покренување на иницијатива до општина Велес, господинот Трифун Костовски да му се одземе титулата почесен граѓанин на Велес. Таков човек кој изрече непомирливи навреди спрема нас, не заслужува да биде почесен граѓанин на Велес, на овој град. Велешани се мирољубиви и чесни луѓе, велат од „Ѕвезда“.

Од Здружението додаваат дека нема да дозволат никој да си игра со чувствата на граѓаните без разлика кој каде е роден и од каде потекнува.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.